X
 22.05.2022 Живот

Бујни шуми, пасишта рамни како тепсија и филмски сцени - репортажа од Златибор и Мокра Гора

Од Мокра Гора до станицата Шарган Витаси, „Носталгија“ минува низ 22 тунели, преку пет моста, совладува висинска разлика од 300 метри, сето тоа на вкупно растојание од 15.440 метри

По двете тешки пандемски години и рестриктивни мерки со секојдневно носење маски, свежиот планински воздух е повеќе од потребен. А ако ви треба висока концентрација на кислород, бујни шуми, пасишта рамни како тепсија, одлични ски-терени, изворска лековита вода и храна за гурмани, тогаш Златибор е вистинскиот избор.
Српскиот туристички центар и околните села се вистинска атракција за гостите, кои доаѓаат дури од Јапонија, Кина и јужноамериканските земји за да ги вдишат убавините во балканската мини-верзија на Алпите. Златибор нуди врвен планински и селски туризам, па иако многумина доаѓаат во текот на ски-сезоната, сепак, пролетта е најдоброто време да се посетат планините во Западна Србија.



До Златибор се доаѓа по 440 километри возење од македонско-српската граница по автопатот за Белград, преку живописните предели околу Крагуевац, Чачак и Ужице. Стариот автобус на Крстиќ и син, кој сите го паметат од легендарниот филм „Ко то тамо пева“ од 1980 година, се наоѓа на излезот од Крагуевац и е првата атракција за правење селфи.



По пристигнувањето во Златибор, првиот избор за прошетка треба да биде центарот на градот, кој со малите дрвени куќички и Рибничко Езеро во средина потсетува на магична филмска сцена.
Гостите најчесто доаѓаат да скијаат и да уживаат во одличните терени на врвот Торник, кој се наоѓа на десетина километри од градот. За да стигнат дотаму, најчесто се користи новата Златна гондола, која нуди 11 километри долга глетка од која ќе ви застане здивот.



Ако не сте скијач, тогаш треба да одвоите неколку дена за разгледување на најдобрите туристички атракции.
Со сопствено возило, во еден здив и за еден ден може да се разгледа целата југоисточна страна на Златибор. Може да се почне од селото Доброселица, кое го добило името по една народна легенда. Во ова село, кое се викало Злоселица, дошол царот Душан на враќање од Дубровник. Тој бил воодушевен од пречекот во селото и наредил да се вика Доброселица. Во селото се снимени неколку култни филмови, меѓу кои и „Црни бомбардер“.

Селото Љубиш нуди фантастични пејзажи со црн бор додека да стигнете до водопадите во село Гостиље, едни од најголемите во Србија, а потоа патот ќе ве однесе во селото Сиригојно, во кое се наоѓа „Старо Село“, музеј на отворено каде што може да се запознаете со стариот начин на живот во едно ридско село во изминатите векови.



Сиригојно, селото со најубави пасишта, е едно од најпосетените места во оваа област затоа што може да се пробаат традиционални специјалитети и да си купите рачно плетен џемпер од мештанките. Кулминација на денот може да биде влегувањето во Стопиќа Пештера во близина на селото Рожанство. Влезот на пештерата е импресивен, со отвор широк 35 метри и висок 18 метри, а впечатоците што таа ги остава не може да се опишат со зборови.

Водичот во пештерата рече дека август е најдобар за прошетка на Златибор, а тогаш имало и најмногу туристи од Македонија.
„Кога има повеќе македонски туристи, седнуваме тука пред пештерата и пееме стари македонски песни откако ќе се напиеме понекоја ракија од сливи или од дуњи“, изјави спелеологот пред Стопиќа.



А, сливова ракија и планински мед има на секое ќоше. Авантурата низ селата нема да биде целосна ако не се проба златиборски кајмак, колбаси, пршута, планински мед и ракија од гостопримливите домаќини.


Мокра Гора, Дрвенград и „Шарганска осмица“

Еден ден треба да се зачува за посета на Мокра Гора, официјално најубавото село во Србија кое нуди еден куп атракции за туристите. Селото стекна голема популарност благодарение на етногратчето Дрвенград, кое го изгради режисерот Емир Кустурица врз две-три брда над железничката станица во Мокра Гора. Идејата за етнонаселбата Кустурица ја добил за време на паузата од снимањето на филмот „Животот е чудо“. Сите улици во комплексот носат имиња на познати личности на кои режисерот сакал да им даде почест, како што се Никола Тесла, Диего Марадона и нобеловецот Иво Андриќ.
Патот низ времето може да се продолжи ако се качите на возот кој се тркала по познатата тесна пруга „Шарганска осмица“, која во периодот од 1925 до 1974 ги поврзувала Белград и Дубровник со возот „Ќира“.



Делот од оваа пруга на трасата од станицата Шарган Витаси до Мокра Гора, кој е уникатно архитектонско дело, е откорнат од заборав и познатата „Шарганска осмица“ одекнува од тропотот на вагоните и свирежот на музејскиот воз „Носталгија“.
Од Мокра Гора до станицата Шарган Витаси, „Носталгија“ минува низ 22 тунели, преку пет моста, совладува висинска разлика од 300 метри, сето тоа на вкупно растојание од 15.440 метри.

Мостот на Дрина и Андриќград

„Од сето она што човекот во својот животен нагон го подига и гради, ништо во моите очи не е подобро и повредно од мостовите“, напиша Иво Андриќ во својот роман „Мостот на Дрина“, за кој доби Нобелова награда во 1961 година.
На само 30 километри од Мокра Гора може да се посети и босанскиот град Вишеград, кој порано беше познат по стариот мост кој го изградил големиот везир Мехмед-паша Соколовиќ, кај народот познат како мост на Дрина, опишан во истоимениот роман на Иво Андриќ. Денес Вишеград има нова културно-историска улога со изградбата на Андриќград, односно град среде град на 300 метри од мостот на Дрина, посветен на големиот Иво Андриќ, дело на Емир Кустурица.



- Неверојатно е колку историја има на само 30 километри. Воодушевени сме од архитектурата која остана недопрена иако овој дел беше погоден од страшната војна во 90-тите години. А, кога веќе сте дошле да се фотографирате на мостот на Дрина, мора да пробате и босански бурек во пекарниците на камениот град на Иво Андриќ – порачаа туристи од Скопје кои се упатија кон железничката станица на Мокра Гора за да ја фатат последната тура со „Носталгија“.




Титовата вила и грдата слика на бетонот

Неколку години наназад се полемизира за тоа дали Златибор престана да биде синоним за планина и чист воздух откако почна да се вложува во големи станбени и хотелски комплекси.
Најдобар пример за грдата слика што ја остава бетонот е Титовата вила, која сега наместо со зеленило, опкружена е со хотелски објекти кои никнуваат како печурки. Наводно Тито никогаш не преспал во неа, туку само еднаш бил на ручек во дворот.



„Ја барате Титовата вила? Па не можете да ја најдете затоа што е заобиколена од згради. Одете низ градежново земјиште, преку него ќе стигнете до неа. Ама тоа не е повеќе за гледање. Вилата се распаѓа додека околу неа се градат апартмани. Ова не е повеќе планина, оној стариот Златибор го загуби духот“, велат постарите жители на ова планинско гратче.
Објектот на оваа вила денес е дел од туристичкиот комплекс „Титова вила Златибор“, а земјиштето на кое се наоѓа вилата било платено дури 3 милиони евра. Инвестицијата на комплексот чини 15 милиони евра, а го гради бившиот НБА-кошаркар од Црна Гора, Никола Пековиќ, кој со години вложува во недвижности во Златибор. Тој планирал да ја реновира вилата и да ја претвори во музеј.

Фото: Орце Костов
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот