X
 22.06.2020 Наша тема

Помалку образованите и посиромашните повеќе веруваат во теории на заговор, вели Ана Стојанов, доктор на науки во Нов Зеланд

Има некои сознанија што укажуваат дека поавторитарните држави, во споредба со подемократските, се посклони кон верување во теории на заговор. На пример, Турците во поголем степен веруваат во теории на заговор од Германците, Македонците во поголем степен од Новозеланѓаните или Англичаните, посочува Стојанов


Македонката Ана Стојанов од неодамна е доктор по психолошки науки на Универзитетот „Отего“ во Нов Зеланд. Врската помеѓу недостигот на контрола и верувањата во заговори беше нејзината докторска дисертација, која овој универзитет ја смести на исклучителна листа во која влегуваат само 10 отсто од одбранетите докторски.

Ана Стојанов со своето дете

 
Ковид-19 има невидено влијание врз нашите животи. Не е чудно што се обидуваме да најдеме смисла во оваа нова реалност. Психолошката литература посочува дека во многу стресни и непознати ситуации луѓето се мотивирани да го вратат чувството за контрола врз светот со наоѓање шаблони во настаните. Теориите на заговор понекогаш звучат веројатни затоа што нудат објаснување за ситуации кои не може да се објаснат - вели Стојанов во нејзината анализа, во која споредувала колку Македонците се склони кон теории на заговор во однос на Новозеланѓаните.

Како се заинтересирала за оваа област?

- Како тинејџер бев многу заинтересирана за астрономијата, членував и во Скопското астрономско друштво и преку астрономијата се заинтересирав и за теории на заговор. Читајќи материјали за Месечината, наидов на тврдењето дека слетувањето на Месечината во 1969 било снимено во холивудско студио. И покрај тоа што многу пати е побиено тоа тврдење, некои луѓе упорно веруваат дека е така и ме копкаше да дознам зошто ние, луѓето, некогаш веруваме во такви неверојатни тврдења. Конечно можев да почнам да пристапувам на одговарање на прашањето на научен начин кога ја работев дипломската работа и испитував каква е поврзаноста со авторитарните ставови и догматизмот и верувањето во теории на заговор, а потоа продолжив подлабоко да навлегувам во одговорот за време на докторските студии - вели Стојанов.

Многу фактори придонесуваат за верувањата во теориите на заговор. Колку се помалку образовани луѓето и имаат понизок социо-економски статус, толку е поверојатно да веруваат во теории на заговор, објаснува таа.

- Маргинализираните и обесправени групи се склони проблемите со кои се соочуваат да ги припишуваат на моќни заговарачи. Понекогаш теориите на заговор се единствено објаснување за некој настан и луѓето претпочитаат да имаат какво било објаснување отколку никакво. Понатаму, верувањето во теории на заговор им овозможува на оние што веруваат да се чувствуваат битни и како да имаат пристап до привилегирани информации - вели Стојанов.

Таа дообјаснува дека во светот постојат малку истражувања што споредуваат верување во теории на заговор кај разни народи.

- Теоријата вели дека општествата што се транспарентни, што имаат слободни медиуми, независен судски систем и силен граѓански сектор би требало да бидат помалку склони кон верување во теории на заговор. Има некои сознанија што укажуваат дека поавторитарни држави, во споредба со подемократските, се посклони кон верување во теории на заговор. На пример, Турците во поголем степен веруваат во теории на заговор од Германците, Македонците во поголем степен од Новозеланѓаните или Англичаните - посочува таа.

Благодарение на образованието во различни нивоа, таа прошетала низ цел свет. Последната година од средното училиште ја завршила во САД, каде што и матурирала.

- За магистерските студии добив стипендија да студирам на Универзитетот во Кембриџ. Таму како да се преродив во сосема друг свет од оној што го доживеав на додипломските студии на УКИМ. Од расположливост на ресурси и однос професор-студент и пристап кон учењето и знаењето, па до фактот што имав можност да бидам вклучена во научни проекти и да учествувам во откривањето на научните вистини. Докторските студии првобитно ги запишав на УКИМ, но разочарана од тоа што го нуди, се откажав и барав други опции. Во тоа време имаше тројца професори што се занимаваа со верување во теории на заговор и едниот од нив беше во Нов Зеланд. Се пријавив, добив стипендија и така се преселивме тука - вели Стојанов.

На прашањето дали средствата за масовна комуникација влијаат врз бројноста на теориите на заговор, Стојанов вели:

- Сами по себе не влијаат врз постоењето, меѓутоа, дефинитивно придонесуваат за ширењето и забрзуваат процес кој пред постоењето на мас-медиумите се одвивал многу побавно.

Стојанов неодамна на македонската јавност ѝ се претстави и во друго светло – како автор на детска сликовница. Тоа е книгата „Принцезата на книгите“ во издание на „Едука Мак“.

- Идејата за сликовницата ја добив во 2013 година, кога ќерка ми имаше три години и кога „читаше“ многу сликовници. На нашиот пазар не можев да најдам сликовница каде што има женски лик за идентификација што е силен, упорен, самостоен, па всушност сликовницата ја напишав првенствено за неа, сакајќи да ѝ пратам порака дека може да оствари сѐ што ќе посака, дека треба да верува во себе и да се бори за тоа што го сака, а не слепо да ги следи улогите што ѝ се наметнуваат - вели Стојанов.

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска/srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема