X
 22.07.2022 Култура

Албум на „Квин“ продаден во 7 милиони примероци - го собори рекордот на британската топ-листа

Групата „Квин“ влезе во историјата на британската топ-листа со тоа што продаде 7 милиони копии од поединечен албум.

Албумот „Колекција на најголеми хитови“ од 1981 година сега го има секое четврто домаќинство во Обединетото Кралство.

Албумот, кој содржи класични песни како „We Will Rock You“ и „Bohemian Rhapsody“, неодамна ја помина својата 1.000-та недела на топ-листата во Велика Британија.

Брајан Меј, гитаристот на „Квин“, рече дека тоа е навистина радосна вест.

- Ниту еден албум досега го нема направено ова. Ви благодариме, го цениме тоа - рече тој.

- Британската јавност и нејзиниот одличен вкус го направија овој албум со најголема продажба во историјата. Ви благодариме многу, почестени сме - рече тапанарот Роџер Тејлор.

Албумот „Најголеми хитови“ води на листата со алубми на сите времиња со речиси милион копии, пред компилацискиот албум „Голд“ на АББА од 1992 година.

1
Фото: Record Company

Вториот албум на „Квин“, издаден во октомври 1991 година, еден месец пред смртта на пејачот Фреди Меркјури, исто така има продажба од околу 4 милиони копии.

Во 2014 година „Најголемите хитови“ на „Квин“ стана првиот албум што надмина 6 милиони продадени примероци во Велика Британија. Во тоа време табелата ја броеше само „чистата“ продажба, односно винил, касета, цеде и преземања.

Една година подоцна аудиостримовите беа вклучени во пресметките, при што секои 1.000 стримови на песна беа претворени во една продажба на албум.

Оттогаш, најголемите хитови на „Квин“ имаат акумулирано 1,26 милијарда стримови, што е еднакво на приближно 1,26 милион продажби.

Најстримувана песна на албумот е „Bohemian Rhapsody“, која може да се пофали со 240 милиони стримови во Обединетото Кралство.

На „Спотифај“, моментално „Квин“ се наоѓа на 31. место на најстримувани изведувачи, пред други класични изведувачи како „Битлси“, на 44., и Мајкл Џексон, на 68. место.

1
Фото: Instagram

Дали страдаат новите изведувачи?

Според сметките поднесени од компанијата на групата „Квин продакшнс“, продажбата и стримовите на нивната музика генерирале 39 милиони фунти авторски права во последната финансиска година.

Сепак, сер Елтон Џон предупреди дека постојаното присуство на компилации со најголеми хитови на топ-листите на албуми ги „изгладнува“ новите изведувачи.

- Топ-листите на албуми се полни со изведувачи како мене, АББА и „Квин“. Се случува нешто чудно. Се појавуваат артисти како Сем Фендер и Хери Стајлс или сосем нов изведувач на место број три и потоа исчезнува. Депресивно е. Постојат многу албуми што заслужуваат да бидат на топ-листата, како Хуанита Еука, Шерон ван Етен, Ангел Олсен. Она што сакам да го знам е каде се тие и зошто ги нема? Поради луѓето како мене! - вели Елтон Џон.

Најпродаваните албуми на сите времиња во Велика Британија

„Квин“ - „Greatest Hits“
АББА - „Gold“
„Битлси“ - „Sgt Pepper's Lonely Hearts Club Band“
Адел - „21“
„Оазис“ - „(What's The Story) Morning Glory?“
Мајкл Џексон - „Thriller“
„Пинк Флојд“ - „Dark Side Of The Moon“
„Дајр Стрејтс“ - „Brothers In Arms“
Мајкл Џексон - „Bad“
„Квин“ - „Greatest Hits II“

Извор: ВBC
Насловна фотографија: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура