X
 22.08.2019 Наука

И математичарите и инженерите треба да ја полагаат Хипократовата заклетва

Математичарите, компјутерските инженери и научниците од сродните полиња треба да ја положат Хипократовата заклетва за да ја заштитат јавноста од моќните нови технологии што се во развој во лабораториите и технолошките фирми, вели Хана Фрај, вонреден професор по математика на Универзитетскиот колеџ во Лондон.

Заклетвата би ги натерала научниците да размислуваат подлабоко за можната примена на нивната работа и ќе ги принуди да ги следат само оние што нема да му штетат на општеството.

Хана Фрај вели дека еквивалентот на докторската заклетва е клучен, со оглед на тоа што математичарите и компјутерските инженери ја градат технологијата што ќе ја обликува иднината на општеството.

- Потребна ни е Хипократова заклетва на ист начин како што постои за медицината. Во медицината докторите учат за етика уште од првиот ден. И во математичките струки треба да биде присутна уште од првиот ден и треба да биде во вашиот ум со секој чекор што ќе го преземете - вели таа.

Фрај ќе ги истражува моќта и опасностите на модерната математика во декември, кога ќе предава на божиќните предавања во Кралската институција. Создадени од популарни личности како Мајкл Фарадеј и Карл Саган, сесиите биле лансирани во 1825 година и станале најпрестижните предавања во Велика Британија.

nauka
Фото: Freepik

Во текот на серијата од три предавања, „Тајни и лаги: Скриената моќ на математиката“, Фрај ќе ја испита математиката на ризикот и среќата, од пронаоѓање совршен партнер до одржување здравје и среќа. Исто така, таа ќе истражува како алгоритмите што се храна на податоци го инфилтрирале секој аспект од нашите животи; од какви математички проблеми треба да се држите подалеку и дека мора да научиме кога на броевите не може да им се верува.

Со етичките прашања Фрај се соочила на академската конференција во Берлин каде што претставила проект за компјутерско моделирање на уличните нереди, што го изработила за лондонската полиција.

Кога Фрај од Берлин се вратила во Лондон, сфатила како математичарите, компјутерските инженери и физичарите се толку навикнати да работат на апстрактни проблеми, што ретко престануваат да размислуваат за етиката и како нивната работа би можела да биде искористена.

Проблемот станал толку итен сега, што истражувачите создаваат системи што собираат и продаваат лични податоци, ги искористуваат човечките слабости и донесуваат одлуки за живот или смрт.

- Имаме многу технолошки компании каде што работат млади, неискусни, честопати бели момчиња за кои светот надвор од училницата за математика и компјутерски науки и не постои - вели Фрај.

- Никој од нив не барал да размислат за етичноста на нивните постапки, никој од нив не побарал да размислат како перспективите на животот на другите луѓе би можеле да бидат различни од нивните - додава таа.

За потребата за Хипократова заклетва за научниците претходно зборувал и Карл Попер, во 1960 година. Слично мислел и сер Џозеф Ротблат, кој од морални причини се откажал од сојузничкиот проект за нуклеарна бомба.

Фрај вели дека не е против алгоритмите, но сака да ги ограничи. Таа го наведе случајот на класичниот учебник „Создавањето мува“ од британскиот биолог Питер Лоренс. Во еден момент „Амазон“ ја нудеше книгата за 23 милиони долари благодарение на војната меѓу алгоритмите на продавачите, кои излегле од контрола. Во други околности, таквиот судир и нема да биде толку забавен.

Математичарката, која го избриша својот фејсбук-профил и користи лажни имиња и е-адреси онлајн, вели дека јавноста мора да преземе дел од одговорноста за производите што ги сервираат технолошките компании.

- Ја добиваме технологијата што ја бараме. А како дел од тоа, навистина е важно да имаме национален разговор за тоа што навистина сакаме. Бидејќи лесно е да се донесат одлуки без целосна видливост на сè на што се согласувате - вели Фрај.

- Буквално им ги даваме нашите приватни податоци, нашата ДНК, се согласуваме за нашите деца и децата на нашите деца. Можеби не живееме во свет во кој сега луѓето се генски дискриминирани, но кој вели дека за 100 години нема да живееме? И плаќаме да ја додадеме нашата ДНК во таа база на податоци - вели таа и додава дека одговорот е да се вооружат луѓето со знаење.

- Иднината не се случува онака. Ние ја градиме, и тоа го правиме постојано. Националниот разговор, она што луѓето го зборуваат во медиумите, она што го зборуваат на „Твитер“ и „Инстаграм“, верувам дека прави разлика.

- Еден од проблемите со кои се бори математиката е тоа што е невидлива. Немаме експлозии. Но, и покрај невидливоста, математиката има драматично влијание врз нашите животи и во овој момент е многу поважна од кога било - завршува Фрај.

Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука