X
 22.09.2018 Култура

Во Битола почнува фестивалот „Браќа Манаки“. Перформанс за гала-отворањето

Фестивалот ќе трае до 29 септември, а публиката ќе може да види 95 филма, поделени во повеќе филмски програми


Со премиера на краткиот филм „Љубовникот“ во режија на Игор Иванов-Изи и проекција на филмот „Истребувач 2049“ во чест на оскаровецот Роџер Дикинс, лауреат на наградата „Златна камера 300“, вечерва во Битола ќе почне 39. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Гала-отворањето е закажано за 20 часот пред Центарот на културата во Битола, кога ќе биде одржан перформанс во режија на Срѓан Јаниќијевиќ.

Роџер Дикинс, лауреат на наградата „Златна камера 300“

- Низ едноставен, минималистички пристап ќе ве прошетаме низ сонот на филмот, низ чувствата што што сме ги поминале и оние што ќе следуваат. Да ја растуриме и одново да ја создадеме сложувалката на филмската магија. Да ѝ се насмееме и да се расплачеме на онаа уметност што нè смее и расплакува - вели Јаниќијевиќ.

Во перформансот учествуваат Јелена Јованова и Ивана Коцева. Музиката е на Надежда Рубен, аранжманот на Андреја Наунов, на пијано ќе настапи Дуња Иванова, а стихови ќе чита Јовица Ивановски. За светлото е одговорен Илија Тарчуговски, а костимограф е Лидија Георгиева.

Фестивалот ќе трае до 29 септември, а публиката ќе може да види 95 филма, поделени во повеќе филмски програми. Организаторите велат дека ќе бидат прикажани филмови од големи продукции селектирани на најпознатите светски фестивали, но и квалитетни уметнички продукции прикажани на помали фестивали во Европа и во светот.

Клаудија Кардинале, главна ѕвезда на фестивалот

Специјален гостин на фестивалот е Клаудија Кардинале, легендарната италијанска актерка која ја доби специјалната награда „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност. Таа ќе биде главна ѕвезда на фестивалот.

Актерката Милица Стојанова (86) ја доби наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, која ја доделува Друштвото на филмските професионалци на Македонија.

Нашата актерка Милица Стојанова

Фестивалот ќе биде затворен со филмот „Црниот кју-кју клановец“ во режија на Спајк Ли и со краткиот филм „Скаут“ на Алекс Цветков, режисер од македонско потекло кој живее во САД.

Подготвил: В.И.И.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура