X
 22.10.2018 Економија

Џек Ма за вработувањето: Избегнувај ги „најдобрите“ и „експертите“

Избирањето на соработниците претставува голем предизвик за повеќето претприемачи, а за Џек Ма, основачот на „Алибаба“, тоа било едно од најтешките нешта во кариерата.

На едно предавање во Индонезија, Ма, кој е еден од најбогатите Кинези, ја сподели својата животна приказна. Тој раскажа дека уште во првите денови по основањето на компанијата ја направил најголемата грешка вработувајќи врвни експерти кои своите кариери ги граделе во најголемите интернационални компании. Но, во моментот кога почнале да работат за него тие реномирани експерти не можеле да се прилагодат на потребите на неговата компанија. Ма тогаш ја признал грешката, сфатил дека мора нешто да промени и одлучно да развие правила со помош на кои во иднина би можел да ги избира најдобрите работници за своите потреби.

Така, Ма создал три едноставни правила.

Никогаш не ги земај „стручњаците“ и оние „најдобрите“

-Избегнувај ги „најдобрите“ и „експертите“ - ова е првото правило на Ма кога станува збор за вработување.

Најдобро е да се одберат луѓе кои се подготвени да впиваат нови знаења и не се плашат од грешки.

-Мразам да вработувам стручњаци затоа што тие не се стручњаци за иднината, тие се само стручњаци за минатото. Најдобрите работници секогаш се кријат во вашата компанија, а вие самите од нив можете да направите генијалци - објаснува Ма.

EQ и IQ

Не морате да бидете најдобар во генерацијата за да работите за Ма. Тој го прави сосема спротивното - ги избегнува „најдобрите“. Својата теза ја оправдува со фактот дека таа, како што тој ја нарекува, „факултетска елита“ брзо станува фрустрирана кога ќе се соочи со некоја препрека. Според него, кандидатите мораат да бидат паметни и снаодливи за да можат да се носат со секојдневните промени во овој динамичен сектор.

Исто така, тој повеќе сака луѓе кои имаат повисока емоционална интелигенција затоа што тие се подобри тимски играчи, а подоцна и подобри лидери. Но, напоменува дека без когнитивна интелигенција, таквите работници не можат да стасаат далеку.

Оптимисти

Оптимизмот е особина која Ма најмногу ја цени. Како што и самиот признава, ако не бил оптимист, никогаш немало да стаса каде што е. Смета дека оптимизмот им помага на луѓето предизвикувачките ситуации да ги претворат во позитивни.

-Ако сте претприемач и не сте оптимист, би можеле да се најдете во големи проблеми. Затоа моите сегашни, но и идни работници мораат да бидат оптимисти - вели Ма.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија