X
 22.10.2022 Наука

Арктикот би можел да ја предизвика следната пандемија

Како што глечерите продолжуваат да се топат, Арктикот би можел да стане плодна почва за нова пандемија бидејќи климатските промени го зголемуваат ризикот од ебола, грип или коронавирус, велат истражувачите.

Во новото истражување научниците ги проучувале почвата и езерскиот седимент од езерото Хазен, најголемото езеро по волумен северно од Арктичкиот Круг. Со секвенционирање на сегментите на ДНК и РНК пронајдени во почвата, научниците се обиделе да го идентификуваат збирот на вируси присутни во околината.

Користејќи компјутерски алгоритам за контекстуализирање на вирусите со животните, растенијата и габичните домаќини присутни во областа, тимот успеал да го открие ризикот од вирусно прелевање, односно способноста на вирусите да ги совладаат новите видови домаќини и да продолжат да се шират како што направи САРС-КоВ-2 со преминот од диви животни на луѓе.

Истражувачите во својот труд пишуваат дека ризикот од вирусно прелевање се зголемува со топењето на глечерите.

- Ако климатските промени го поместат опсегот на потенцијални вирусни вектори и видови резервоари кон север, Високиот Арктик може да стане плодна почва за нови пандемии - пишуваат тие.

Истражувачите го споредиле еволутивниот пат и на вирусите и на домаќините барајќи варијации и сличности меѓу нив, споредби кои укажуваат на можноста за промена на статус кво и последователно вирусно прелевање.

- Од еволутивна гледна точка, вирусите имаат поголема веројатност да заразат домаќини кои се филогенетски блиску до нивниот природен домаќин, потенцијално затоа што им е полесно да заразат и колонизираат видови кои се генетски слични - објаснуваат истражувачите во нивниот труд.

Во согласност со претходните истражувања кои покажуваат како деградираните пејзажи можат да ги поврзат патогените, паразитите и домаќините на нови начини, истражувачите сугерираат дека зголеменото истекување од глечерите води до поголеми можности за вирусите да се префрлат во еукариотските домаќини.

arktik
Фото: Wikipedia

Сепак, зголемениот ризик од прелевање се разликувал во примероците од почвата и езерскиот седимент. Во почвата, со големи текови на топење на ледниците, ризикот од прелевање се зголемил, па почнал да опаѓа, додека кај примероците од езерски седимент ризикот продолжил да се зголемува.

Едно објаснување наведено од истражувачите е дека зголеменото прелевање значи повеќе органски материјал и организмите во него се фрлаат во езерото наместо да останат на копно.

- Како што се менува климата, се менува и метаболичката активност на арктичката микробиосфера, што влијае врз многубројни екосистемски процеси, како што е појавата на нови патогени - пишуваат истражувачите.

Високиот Арктик, или најсеверниот регион, е дел од светот кој е најчувствителен на климатските промени. Во текот на изминатите неколку децении една третина од зимскиот мраз на Арктичкиот Океан исчезнала.

Научниците предупредуваат на зголемен ризик од пандемии предизвикани од повеќе фактори, а не само човечката активност која ги уништува природните живеалишта и ги принудува животните и луѓето да живеат во сè поголема близина.

- Овој двоен ефект на климатските промени, зголемувајќи го ризикот од поплави, доведува до поместување на видовите на север. Toа може да има драматични ефекти на Високиот Арктик - пишуваат истражувачите.

Извор: Science Alert
Фото: Graham Colby
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука