X
 22.11.2018 Живот

Обновувањето на универзитетот во Мосул по мрачната ера на владеење на „Исламската држава“

Универзитетот во ирачкиот град Мосул повторно го гради кампусот по преживувањето на „мрачната ера“.

Повеќе од две години универзитетот беше окупиран од страна на терористичката организација наречена „Исламска држава“ и по таквото трауматично искуство и уништувањето предизвикано во борбата за градот има многу работи што треба да се поправат.

- Централната библиотека сè уште личи на парче ќумур - вели Ашраф Ријад Ал-Алаф, лектор на Одделот за англиски јазик во Мосул.

Тој вели дека една од најголемите библиотеки на Блискиот Исток била запалена, а административните згради биле срамнети со земја.

Зградата на претседателството на универзитетот пред нападите
Фото: BBC

Ал-Алаф вели дека има уште за расчистување, но студентите се вратиле и академиците повторно воспоставуваат врски со меѓународната заедница.

- Беше потребно малку време, но културата на универзитетот полека повторно испливува на површина - вели тој.

Претседателството на универзитетот по истерувањето на ИД од градот
Фото: BBC

Според него, ветувачки знак е да се видат групи од малцинствата, како студенти кои се христијани или Јазиди, како се враќаат на универзитетот.

- Нивното присуство е добредојдено - вели Ал-Алаф.

Според него, имањето различни групи студенти дава чувство на враќање кон нормалата.

Но, ова не е едноставен среќен крај. На универзитетот, кој е втор најголем во Ирак со 30.000 студенти, владееше теророт. Можеби има неколку универзитети што доживеале таква бруталност. Наставната програма и обичаите беа преобликувани според идеологијата и воените напори на режимот на „Исламската држава“. Додека се случуваше тоа, академиците опишуваа дека владее клима на страв, дека се палат книги и дека се забрануваат предмети како литература.

Вработените на универзитетот што останале во Мосул биле принудени да одат на работа и безволно го правеле тоа од страв да не ги загубат животите. Сега меѓу нив има желба да се заборави сето тоа.

Кога универзитетот беше ослободен, се соочи со уништување од копнени и воздушни напади.

- Студентите и вработените се благодарни што се вратени назад, но сè уште постои страв. Чувството на безбедност е намалено и никогаш нема да се врати за оваа генерација - вели Ал-Алаф.

Фото: BBC

Додава дека има страв од враќање на тероризмот и лутина поради повоената корупција. Постои и загриженост дека и покрај завршувањето на конфликтот, нема соодветна посветеност за поддршка на универзитетот и негово опремување со модерна опрема.

- Да, гледаме реновирање, изградба и нова боја однадвор, но сè уште недостигаат ресурси - вели Ал-Алаф.

Тој додава дека има недостиг на книги и на компјутерска опрема и дека се потребни обуки за нови методи на предавање.

Има знаци дека универзитетите во Ирак закрепнуваат, но Ал-Алаф вели дека академиците во Ирак треба да изградат мостови и да добијат поддршка од колегите од другите земји.

- Потребна ни е академска поддршка и воспоставувањето врски со универзитети низ светот е клучно. Универзитетот во Мосул би сакал да слушне нешто од вас, макар и тоа да е само „здраво“ - вели тој.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот