X
 22.11.2020 Наша тема

ДАЛИ ЗНАЕТЕ: Како нашите средновековни ракописи завршиле во Русија и во Бугарија?

Ракописите од Македонија се меѓу најзначајните и највредните средновековни ракописи во светот, а детаљно ги проучувал академик Ѓорги Поп-Атанасов

Единствениот ракопис со глаголица кој е останат во Македонија потекнува од 13 век и денес се наоѓа на Филолошкиот факултет во Скопје. Тоа се всушност фрагменти, неколку листа од октоих (литургиска книга) кој бил пронајден кај свештеник во Охрид, а Блаже Конески го објавил во 1950 година. Ракописот бил пишуван на пергамент. Тоа е единствен ракопис во кој останало едно ретче на глаголица зашто било транскрибирано на кирилско писмо од глаголица.

Ракописите од Македонија се меѓу најзначајните и највредните средновековни ракописи во светот. Детаљно ги проучувал академик Ѓорги Поп-Атанасов, теолог, изучувач на старословенската книжевност и на старите ракописи. Тој е постојан член на Одделението за лингвистика и литературна наука при Македонската академија за науките и уметностите, а тесна специјалност му се македонска црковна книжевност, библистика, херменевтика, црковна химнографија, хагиографија. Автор е на проектот: „Словенски ракописи од Македонија во странски ракописни збирки“ и идентификувал археографски опис на 814 ракописи што потекнуваат од Македонија, а настанале од 10 до 19 век.

Страница од Мариинското евангелие, од 10-11 век кое потекнува од Македонија / Фото: Википедија, извор, фотографски принт од Ватрослав Јагиќ во 1883 г.

Поп Атанасов вели дека од расадникот на стари ракописи на територијата на денешна Македонија останати се само трошки. Во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје се чува еден лист од триод, пронајден близу манастирот Зрзе. Во Архивот на Македонија има еден лист од Аргировиот триод од 13 век, а 58 листа се чуваат во Софиската народна библиотека. Поп Атанасов е дециден дека триодот е од македонска редакција - настанал во книжевен центар на Охридската книжевна школа.
На Филолошкиот факултет се чуваат и 22 листа од Премкчански требник од 13 век. Од 14 век е Кратовско евангелие.

Во 1845 година Русинот Виктор Григорович тргнал кон Атос, па продолжил кон овие краишта. Бил образован човек и ги зел само старите ракописи. Од Света Гора го зел Мариинското евангелие, глаголски ракопис, многу значаен и важен. Во Охрид го зел Охридскиот апостол од 11 и 12 век. И во него има цели пасуси на глаголица. Слепченскиот манастир имал најбогата ракописна збирка, од која успеал да земе само шест листа од Слепчeнскиот апостол, еден од најстарите ракописи-апостоли воопшто. Сите ракописи ги однел во Русија. Дел од неговата ракописна збирка денес се чува во Руската државна библиотека во Москва - околу 60 ракописи. Останатите шеесетина ги подарил на библиотеката на новооснованиот Универзитет во Одеса - Новорусиски универзитет.

Академик Ѓорѓи Поп Атанасов

Во 1850 година во овие краишта дошол Стефан Верковиќ, босански Хрват, но бил испратен од владата во Белград. Кога прочитал кај Григорович дека има толку многу ракописи во Слепче, прво таму отишол. Голем дел од збирката на Верковиќ денес е во Хрватската академија на науките и уметностите, а еден дел во Санкт Петербург, во Руската национална библиотека. Во неговата збирка имало околу 100 ракописи, претежно цели кодекси. Меѓу нив е Орбелски триод од 13 век (цел кодекс).

Александар Гилфердинг во 1868 година поминал низ Македонија и собрал повеќе ракописи дури и од Григорович. Тие денес се чуваат во Државниот историски музеј во Москва, во збирката на Алексеј Хлудов, а дел има и во Санкт Петербург.

Аргиров триод, 13 век / Фото: Википедија, извор: Национална библиотека „Св. Кирил и Методиј“, Софија

Голем дел од македонските ракописи се наоѓаат во Националната библиотека „Св. Кирил и Методиј“ во Софија. Академик Поп Атанасов вели дека кога Бугарите формирале држава и кога Јордан Иванов одел низ Македонија, поминувал секаде каде што имало регистрирано ракописи. Егзархијата е формирана во 1870 година. Во 1878 година, кога се формира држава, тие веќе организирано собираат од Македонија и носат во Бугарија.
- Така збирката во Бугарската академија на науките 95 отсто е македонска збирка, сите ракописи се македонски. Ако има десетина бугарски, од 17 до 19 век, препишани од руска печатена книга – вели Поп Атанасов.

Целиот текст посветен на ракописите од Македoнија со академик Поп Атанасова може да го прочитате тука.
Подготвил: В.И.И.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема