X
 22.12.2020 Економија

Просечната нето-плата за октомври 2020 година е речиси 28 илјади денари

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во октомври 2020 година изнесува 27.899 денари, додека просечната месечна исплатена бруто-плата е 41.654 денари, објави Државниот завод за статистика.

Оттаму соопштуваат дека индексот на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во октомври 2020 година, во однос на октомври 2019 година, изнесува 108,4. Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: дејности на здравствената и социјалната заштита (12,0 %), уметност, забава и рекреација (11,6 %) и преработувачка индустрија (11,0 %). Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: објекти за сместување и сервисни дејности со храна (4,4 %), трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли (4,4 %) и стручни, научни и технички дејности (3,6 %).

Лидери во однос на нето-платата се вработените во секторот информации и комуникации, за кој е забележано дека просечната исплатена месечна нето-плата по вработен во октомври годинава била 50.418 денари. Притоа, во овој сектор се издвојува компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности со просечна нето-плата за октомври во износ од 66.831 денар. Во секторот образование наведено е дека во октомври просечната нето плата била 27.595 денари.


Фото: Државен завод за статистика

Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во октомври 2020 година, во однос на октомври 2019 година, изнесува 109,0. Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во секторите: дејности на здравствена и социјална заштита (12,3 %), преработувачка индустрија (11,7 %) и уметност, забава и рекреација (11,4 %). Зголемување на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: објекти за сместување и сервисни дејности со храна (4,5 %), трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли (4,2 %) и стручни, научни и технички дејности (3,8 %).

Во сооднос со нето-платата, најголема просечна месечна бруто-плата исто така е забележана во секторот информации и комуникации и за месец октомври таа изнесува 76.204 денари. Во секторот образование таа е 41.235 денари.

Фото: Државен завод за статистика

Насловна фотографија: Freepik
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија