X
 23.01.2020 Живот

Пресуда против Македонија поради повреда на правата на дете со посебни потреби

Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) донесе пресуда против Македонија поради повреда на правата на осумгодишно дете со посебни потреби сместено во јавна установа и врзано за кревет поради безбедност, јавува дописникот на МИА од Стразбур.

Случајот на Л.Р. против Македонија се однесува на Л.Р., дете сместено во јавна установа на возраст од три месеци и наводите за несоодветна и лоша грижа и третман кон него. Една невладина организација дознала за неговата состојба по посетата на народниот правобранител во центарот каде што престојувал во 2013 година и го нашле врзан за неговиот кревет.

Во пресудата на Судскиот совет 1 на ЕСЧП донесена денеска во овој случај, едногласно, се заклучува дека имало повреда на член 3 (забрана за нечовечки или понижувачки третман) од Европската конвенција за човекови права, со образложение дека властите се одговорни за сместување на Л.Р. во установа која ги нема потребните ресурси да ги задоволи неговите потреби, затоа што не ја добил потребната грижа и нечовечките и понижувачки третмани на кои тој беше жртва.

За Судот особено е загрижувачки што едно толку ранливо лице, како жалителот, осумгодишно дете кое има ментален хендикеп и е глуво и немо, можело да биде често врзувано за неговиот кревет при престој во центарот, околу една година и девет месеци, при што центарот не можел да ги исполни неговите потреби. Од оваа установа им било укажано на надлежните дека не може да го сместат детето затоа што биле недоволно квалификувани и неговите вработени немале вештини за да се грижат за него.

Судот понатаму смета дека наместо да се размислува за генералниот неуспех на системот да одговори на потребите на Л.Р., истражните органи се обиделе да ја покренат во истрагата кривичната одговорност на вработените во установата, што го навело обвинителството да заклучи дека имало недостиг на намера да наштети и да го затвори случајот.

ЕСЧП пресуди Македонија да му плати на жалителот 18.000 евра за морална штета и 1.650 евра за судски трошоци.

Станува збор за случај кој бил обелоденет по посетата на народниот правобранител во неговиот извештај од 2014 година, по што Хелсиншкиот комитет го посети детето во установата и поведе судска постапка.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот