X
 23.01.2021 Здравје

Докторка објаснува дека на човекот му се потребни дури 7 различни видови одмор

Иако се надевавме дека 2021 година ќе биде подобра од 2020, немилите настани продолжуваат, а луѓето и понатаму чувствуваат стрес. Лекарите препорачуваат да се најдат начин за одмор и релаксација, а докторката Сондра Далтон-Смит во објава на ТЕД вели дека низ животот мислиме дека сме одморени бидејќи сме се наспале, но всушност не сме се одмориле на другите начини што ни се потребни. Според неа, на човекот му требаат седум вида одмор.

Физички одмор

Ова е вообичаената дефиниција за одмор што сите ја знаеме. Повеќе истражувања покажуваат дека голем дел од луѓето не спијат доволно за да се одморат физички.

Ментален одмор

Секогаш имате многу мисли во главата? Тогаш веројатно ви е потребен ментален одмор, па дури и ако спиете осум часа секој ден. Далтон-Смит вели дека кратките одмори на секои два часа во работниот ден може да ви помогнат. Таа препорачува и запишување на мислите што ве држат будни.


Фото: Pixabay

Одмор на сетилата

Гледањето во екрани во текот на целиот ден значи дека вашите очи никогаш не добиваат соодветен одмор, но тоа не е единствената причина зошто никогаш не ги одмораме сетилата. Бучните градови, постојаните известувања и другите звуци постојано ги стимулираат нашите сетила. Обидете се свесно да ги затворите очите и да уживате во тишината во кратки периоди во текот на денот.

Креативен одмор

Добро е да бидете креативни, но важно е и да запомните да направите пауза од размислувањето за нови идеи.

Емоционален одмор

Ова значи да се има време и простор за слободно изразување на чувствата, а да се намалат напорите за задоволување на другите. Далтон-Смит вели дека личноста што е емоционално одморена може полесно да биде автентична и да признае дека не се чувствува добро. Со други зборови, на сите ни треба простор повремено да престанеме да се преправаме и да бидеме искрени за нашите чувства.


Фото: Pixabay

Социјален одмор

Некои луѓе ви даваат енергија, а други ви ја црпат. Доколку поминувате многу време со вториот тип луѓе, потребен ви е одмор.

Духовен одмор

Сите луѓе, без разлика на верата, имаат потреба да се чувствуваат поврзани со нешто поголемо од нив. Понекогаш, тоа е тешко да се постигне, но со мали активности, како прошетка, може да го пронајдете духовниот мир.

Автор: Џесика Стилмен
Извор: inc.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје