X
 23.01.2021 Здравје

Ново истражување заклучува што е поздраво: кафето или чајот

Веројатно го започнувате денот со кафе или чај. Постои дебата за тоа која напивка е подобра за здравјето, а едно ново истражување објавено во списанието „БМЏ опен дајабитис рисрч енд кер“ покажува дека можеби е најдобро да се пијат двете.

Во истражувањето, спроведено од јапонски научници, се анализирале ефектите од консумирањето зелен чај и кафе од страна на речиси 5.000 дијабетичари. Истражувачите заклучиле дека ризикот од предвремена смрт бил најмал кај оние учесници во истражувањето што пиеле четири шолји чај и две шолји кафе дневно.


Фото: Pixabay

Истражувањето било спроведено во период од 5 години, а до крајот починале 309 испитаници. Научниците велат дека оние што пијат една шолја зелен чај секој ден имаат 15% помал ризик за предвремена смрт, оние што пијат две или три шолји имаат 27% помал ризик за предвремена смрт, а оние што пијат четири шолји зелен чај секој ден имаат 40% помал ризик за предвремена смрт.


Фото: Pixabay

Кога станува збор за кафето, тоа го намалува ризикот за предвремена смрт за 19% доколку се пие една шолја кафе на ден и за 41% за две шолји кафе. Луѓето со најмал ризик за предвремена смрт во истражувањето биле оние што пиеле четири шолји зелен чај и две шолји кафе секој ден.

Истражувачите додаваат дека овие резултати се добиени врз основа на истражување на лица со дијабетес тип 2, а за долговечноста се важни и други фактори, како исхраната, вежбањето и начинот на живот.

Автор: Кинан Мејо
Извор: eatthis.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје