X
 23.02.2021 Здравје

Акутно воспаление на носна лигавица и алергиска кивавица: Зошто се јавува и како да си помогнеме?

Автор: Д-р Ариф Мемеди, оториноларинголог

Во денешно време постојат чести инфекции на горниот респираторен тракт од различна етиологија. Тие имаат епидемиолошки карактер и претставуваат едни од најчестите заболувања.
Ринитис (Rhinitis Acuta) претставува воспаление на носната слузокожа и се карактеризира со еден или повеќе од следните симптоми: воспаление и оток на носната слузница, отежнато дишење или затнат нос, ринореа, зголемена секреција или течење од носот, кивање, чешање, црвенило на носот.
Анатомски носната слузница е во континуитет со слузницата на параназалните синуси. Многу често кога едната е инволвирана од инфект, може без ограничување да кажеме дека и другата е исто така инволвирана. Следствено, при употребата на ентитетот ринитис точно би било и да се употреби терминот риносинузитис.

Се разликуваат три групи ринитис:
-инфективен,
-неалергиски (вазомоторен)
-алергиски

Инфективниот ринитис може да биде акутен или хроничен. Хроничниот ринитис најчесто е поврзан со хроничен синузитис.

Акутното воспаление на носната лигавица и алергиската кивавица ги предизвикуваат многубројни вируси, додека бактериите се наоѓаат во носот како секундарни причинители на инфекцијата.


Д-р Ариф Мемеди

Во почетокот на болеста се појавува чувство на сув нос со чешање и повеќекратно кивање проследено со обилна водена или мукозна секреција и отежнато дишење преку нос. Исто така, се појавува и црвенило на носот и очите, чуство на пецкање и солзење на очите, потоа надразителна кашлица и гребење во грлото.

Неалергискиот ринитис, според причинителите, се класифицира на вазомоторен (идиопатски), инфективен, хормонски, медикаментозен ринитис предизвикан од храна итн. Според појавата и времетраењето на симптомите, ринитисот се класифицира на повремен (интермитентен и долготраен (перзистентен). Според степенот на тежината, двата типа ринитис можат да се јават во лесна, средно тешка и во тешка форма.



Алергискиот ринитис претставува воспаление на носната слузница што настанува како имунолошки одговор поради преосетливост на разни фактори на животната средина, кои ги нарекуваме алергени. Алерген може да претставува што било околу нас. Најчеста е алергијата на полен, која се нарекува поленска алергија, а во последните години сè почесто се појавува. Исто така, може да се појави и алергија од прашина, храна, детергенти, домашна прашина и др. Овие состојби се смируваат со давање терапија за општи и локални симптоми, претежно терапијата се дава во период од 5 до 7 дена.


Во терапијата на алергискиот ринитис значајна улога има избегнувањето на инкриминираниот алерген. На пример: кај алергиите предизвикани од полен значајна улога има да се намали престојот надвор во природа, почесто да се мијат рацете, лицето, очите и носот; исто така, планирањето активности надвор од домот на отворено рано наутро или навечер би помогнало да се намали контактот со алергенот. За алергиите од прашина - зголемена хигиена во домот, контрола на влага во просторот, проветрување на домот, отстранување на собните растенија.

Избегнување храна која доведува до носна секреција и опструкција, откажување на пушењето цигари, контрола на изворите на нечистотија (дим од цигари и плин) дополнително би помогнале за намалување на симптомите.

Кај пациентите со неалергиски ринитис се препорачува одмор, пиење на топли чаеви со антиинфламаторно дејство, исто така помага и користење на спрејови за плакнење на носната слузница кои би го намалиле воспалението и го забрзуваат природното обновување на носната слузница.
Со комбинација на активна компонента на составот тие дејствуваат на симптомите.

Дали и зошто е практична примената на „pseudoephedrine“ кај акутно воспаление на носна лигавица и алергиска кивавица?
„Pseudoephedrine“ го намалува отокот на слузницата на дишните патишта и ја подобрува проодноста, а исто така ја намалува и прекумерната секреција во носот, што го прави многу практичен во намалувањето на симптомите.
„Triprolidine“ како антихистаминик го намалува и отокот на носната слузница, а и кивањето, кашлицата и солзењето на очите.
Со комбинација на овие активни компоненти имаме смирување на добар дел од симптомите кај акутно воспаление на носна лигавица и алергичната кивавица.

Консултацијата со лекар и фармацевт во раните симптоми би помогнала за подобар и понавремен третман.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје