X
 23.02.2022 Наша тема

Лара Иванова: Моето време допрва доаѓа

Лара е 17-годишна средношколка која главно го сака сето она што го сакаат и нејзините врсници. Се занимава со балет, ја обожава музиката, сака да слика, да се дружи со своите врсници, да чита книги, да гледа филмови

Лара Иванова е млада талентирана пејачка од новата генерација на македонската музичка сцена. Миленичка е на тинејџерската публика. Беше дел од кандидатите за избор на Евровизија. Со претстави со песната „Цвеќе на тагата“ (“Flower of Sorrow”) и тогаш изјави дека доколку победи, ќе настапи со македонската верзија.

Првпат настапила на сцена во 2010 година на детскиот музички фестивал „Супер ѕвезда“ со песната „Фабрика за насмевки“ на композиторот и музички продуцент Александар Масевски. Освен музиката, составен дел од живото на Лара е и балетот.

Лара е 17-годишна средношколка која главно го сака сето она што го сакаат и нејзините врсници. Се занимава со балет, ја обожава музиката, сака да слика, да се дружи со своите врсници, да чита книги, да гледа филмови...



Какво значење имаше за Вас тоа што бевте потенцијален претставник на Евровизија... Како го доживеавте ова достигнување?

- Можам да кажам дека ова е уште едно скалило погоре во мојата музичка кариера, доказ дека вредно работам и дека квалитетот на она што го сработувам испливува на површина и останува забележан.

Ве разочара ли фактот што и покрај тоа што сте миленичка на публиката, не успеавте да победите?

- Не, секако дека не се разочарав. Моето време допрва доаѓа. Последниве две години сум доста активна на музички план, па така продолжувам и понатаму. Веќе работам на неколку проекти и во најскоро време може од мене да очекувате нешто ново и интересно.

Ве карактеризираат како миленичка на тинејџерската публика... Со што плените, со што ја освојувате публиката и имате ли идоли?


- Па, според зборовите на многумина, најверојатно ја освоив публиката со новиот звук кој го донесов на нашата музичка сцена, како и константната присутност.
Искрено, јас немам идоли, но секојдневно црпам инспирација од артисти како што се Аријана Гранде, Д Викенд, Ријана, Били Ајлиш.



Какви пораки сакате да пренесете преку Вашите песни?


- Во суштина, секоја песна е приказна сама за себе, така што не би можела да генерализирам. Обично текстовите се со љубовна содржина. Но, не мора да значи дека некој нема да ги протолкува поинаку.

Балетот е составен дел од Вас. На кој начин Ве исполнува и надополнува?

- Со балет се занимавам веќе 13 години. На 6-годишна возраст паралелно посетував основно музичко и основно балетско училиште. Моментално сум трета година во средното училиште „Илија Николовски-Луј“, во одделот за класичен балет. Балетот и музиката целосно ме исполнуваат и инспирираат, па пробувам колку што можам повеќе да ги спојам овие две уметности на моите настапи, како и во реализацијата на спотовите. Инаку, би сакала да студирам балетска педагогија, но имам уште речиси две години за размислување, па ќе видам во кој правец ќе се развиваат моите интереси.



Какви амбиции имате? Каква кариера сакате да изградите?


- Планирам да работам на многу нови проекти, да соработувам со многу артисти, продуценти, текстописци. И како што веќе имам кажано, би сакала еден ден светот да дознае за мене. Сѐ е возможно, само треба да веруваме во тоа, напорно да работиме и да се стремиме кон целта.


Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема