X
 23.03.2020 Здравје

Франција воведе интернет-тест за коронавирус

Француското министерство за здравство одобри тест со кој преку интернет може да се проверат симптомите и можноста за заразеност со Ковид-19. Се нагласува дека не станува збор за дијагноза, туку за процена на здравствената состојба во ситуација на пандемија на коронавирусот.

Француските медиуми пренесуваат дека од минатата недела тестот се наоѓа на страницата maladiecoronavirus.fr и содржи 24 прашања кои се однесуваат на симптомите што ги имаат луѓето кои ја развиле болеста по зараза со коронавирус.

Од корисниците се бара анонимно да одговорат и на прашања за нивната тежина, висина, старост и да дадат дополнителни информации за нивната општа здравствена состојба.

На крајот од тестот се дава препорака дали да се обратат на лекар, да повикаат итна помош или им се посочува дека е малку веројатно дека се заразени.

Онлајн-тестирањето е воведено за во состојба на недостиг на физички тестови за коронавирус да се намали притисокот врз здравствените служби, кои добиваат многу непотребни повици од граѓани што се загрижени за нивното здравје.

Според француските медиуми, само во саботата страницата ја посетиле 2 милиона лица, а околу еден милион ги одговориле сите прашања. На околу 12 отсто им било препорачано да се обратат кај итните служби.

Извори: B92, France 24
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје