X
 23.03.2021 Култура

Серии поради кои ќе останеме дома иако не мораме

Сериите се сѐ попопуларни меѓу публиката која сака да ги гледа доживувањата на омилените јунаци од епизода во епизода.

Филмската индустрија почна да вложува многу пари во овој формат и токму затоа голем број филмски ѕвезди почнаа да се појавуваат во сериите.

Во продолжение ви издвојуваме наслови што вреди да ги гледате.

„Ноќен прогонувач: Лов на сериски убиец“


Дејството на серијата е сместено во Лос Анџелес, Калифорнија, во 1985 година. Станува збор за вистинска приказна за Ричард Рамирез, озлогласен сериски убиец познат како „Ноќниот прогонувач“. Документарецот е раскажан од перспектива на детективите Џил Карило и Френк Салерно, кои на крајот успеале да го решат случајот. Документарецот содржи интервјуа, архивски снимки и оригинални фотографии.

„Стјуардеса“




Првата сезона од оваа серија е идеална за „бинџ-гледање“ (непрекинато гледање епизоди) бидејќи уште од првата епизода нема да можете да ја оставите.

Фантастичната Кајли Куоко, која ја знаеме од „Бубалици“, е одлична во улогата на проблематичната стјуардеса. За оваа улога беше номинира за „Златен глобус“, а со одличната глума и харизма ги освои срцата на многу гледачи.

Првобитната замисла била серијата да има осум епизоди, но, за среќа, објавено е дека приказната ќе добие нова сезона што се очекува до крајот на оваа година.

„Зад нејзините очи“



„Зад нејзините очи“ е британски психолошки трилер создаден од Стив Лајтфуд, базиран на истоимениот роман од 2017 година на Сара Пинбороу. Дејството ја следи Луис, самохрана мајка со син и работа со скратено работно време во психијатриска канцеларија. Луис почнува афера со нејзиниот шеф, но истовремено формира необично пријателство со неговата сопруга.

„Местото на злосторството: Исчезнувањето во хотелот 'Сесил'“



Станува збор за американски документарец од четири епизоди што го следи исчезнувањето на Елиса Лам, студент и турист, која престојувала во хотелот „Сесил“ во Лос Анџелес во февруари 2013 година, оставајќи ги сите нејзини работи во хотелската соба.

„Пики блајндерс“, 6 сезона



Ако не сте ја гледале оваа сурова и возбудлива приказна за англиски гангстери, навистина пропуштате многу. Бирмингемската банда ја предводи Томас Шелби, кој од илегален обложувач станува сопственик на цел Бирмингем. Внимателно ќе го следите секој дијалог бидејќи секоја реченица е важна. Непредвидлива и интензивна од сезона во сезона, а какво ќе биде финалето, останува да видиме.

„9 совршени странци“


Никол Кидман влезе во светот на мини-сериите и ги освои гледачите. Серијата „Слом“ многумина ја следеа не трепнувајќи. Сигурно голем дел од вас ја засакаа и „Големи мали лаги“.

Никол продолжува со одличните улоги, но во овој проект, чија реализација е најавена за 2021 година, освен актерка Никол ќе биде и продуцентка на серијата заедно со Бруно Папандре.

Дејството на серијата се одвива во луксузен велнес-центар кој ветува преродување и трансформација, а го води Никол Кидман.

„Господар на прстените“


Обожавателите на познатата трилогија снимена според романите на Џ. Р. Р. Толкин ја очекуваат оваа серија уште од 2017 година.

Последно што се знае е дека „Амазон“ ќе сними 5 сезони, а првата треба да излезе оваа година.

Дејството на серијата и понатаму се држи во тајност, но постојат шпекулации дека ќе се снима во Нов Зеланд.

Извор: Luftika.rs | Ranker
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура