X
 23.04.2018 Живот

Дали е марихуана или канабис?

Со оглед на тоа што марихуаната станува мејнстрим, луѓето го преиспитуваат терминот, тврдејќи дека треба да го отфрлиме терминот „марихуана“ бидејќи е расистички, а наместо тоа, да почнеме да го користиме терминот „канабис“. Луѓето го кажуваат она што сакаат, меѓутоа, вистината е дека ова правило е премногу едноставно за толку комплексна дрога. Треба да развиеме повеќе зборови за она што треба да го кажеме.

Има смисла што некои сакаат да престане да се користи зборот марихуана. Но самиот збор не е расистички. Некогаш се користел како средство за побуна, вели Сантијаго Иван Гуера, професор на колеџот „Колорадо“. Кога Европејците пристигнале во денешно Мексико, им наредиле на домородните жители да се преобратат во христијанство и да престанат да ги одгледуваат нивните психоактивни лекови. Наместо тоа, на домородните Мексиканци им било речено да почнат да одгледуваат коноп за јаже.

Тогаш жителите откриле дека ова растение е психоактивно. За да сокријат дека го користеле, тие почнале да го шифрираат јазикот. Многу растенија во Мексико имаат некоја верзија на „мари“ (Марија) во името за да им угодат на Шпанците, кои го форсирале христијанството. Така, растението станало „марихуана“.

До 30-тите години, американските владини претставници го користеле зборот „марихуана“ како пејоратив за да направат дрогата да звучи егзотично и да ја поврзат со сиромашните Мексиканци - иако многу бели луѓе ја пушеле. Денес, јазичната поделба останува. Луѓето што ја поддржуваат легализацијата имаат тенденција да ја нарекуваат канабис, а оние што се против ја нарекуваат марихуана. Значи, идејата е дека „добрите луѓе“ со хронична болка го користат канабисот како лек, и затоа треба да биде легализиран, за да им помогне. Нарекувајќи го канабис, им дава научен легитимитет и углед.

Да, канабис е научно име. Но не е многу прецизно, па дури и биолозите за растенија заглавуваат кога станува збор за јазикот. Канабисот обично се однесува на категорија растенија, вели Џонатан Пејџ, заменик-професор во одделот за ботаника на Универзитетот во Британска Колумбија. Растението што луѓето го знаат и го сакаат (или мразат) е канабис сатива. Канабис значи и дрогата што луѓето ја пушат и коноп, што не е психоактивен и се користи за ткаенина. Исто растение, различни цели, ист збор.

Во лабораторијата на Пејџ, канабис со голема буква се однесува на родот, додека канабис со мала буква се однесува на растението. Исто така, Пејџ го користи терминот „коноп“ за да го опише канабисот што се одгледува за семе за храна или текстил. Психоактивното растение се нарекува канабис-вид дрога, а канабис го користи за да го опише само цветот на растението.

„Тешко е да се замислат тинејџерите како велат: ’Ајде да пушиме канабис-вид дрога‘. Го велите она што одговара на начинот на кој луѓето ја користат дрогата. Не мислам дека зборот канабис некогаш ќе го искорени зборот марихуана во лексиконот“, вели Џефри Нунберг, лингвист кој предава на Школата за информации на Универзитетот „Беркли“. Плус, додава тој, зборовите секогаш го менуваат нивното значење.

Постојат бенефиции за задржување на зборот. Не само што е едноставен начин за опишување на цветниот дел на канабисот-вид дрога, туку и нè потсетува дека растението не е само лек.

„Терминот треба да продолжи да се користи за луѓето да бидат потсетувани на проблематичната историја и проблематичниот однос што човекот го има со ова растение“, вели Гуера.

Значи, не мора целосно да го исфрлиме терминот - но треба да ја запомниме неговата историја. Има смисла кога зборуваме за канабисот кога станува збор за научно истражување и марихуана кога зборуваме за рекреативна употреба.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот