X
 23.06.2022 Живот

Фински генерал: Со децении се подготвуваме за војна со Русија. Спремни сме

Финска се подготвува за руски напад со децении и би пружила силен отпор доколку тоа се случи, вели воениот лидер на земјата, Тимо Кивинен.

Нордиската земја изгради значителен арсенал. Но, освен воената опрема, генералот Тимо Кивинен вели дека клучен фактор е тоа што во случај на напад, Финците би биле мотивирани да се борат.

- Најважната линија на одбрана е онаа меѓу ушите, како што докажува војната во Украина - рече Кивинен.

Финска била во две војни во 40-тите против својот источен сосед со кого ја дели границата долга 1.300 километри. Загрижена дека Русија би можела да изврши инвазија како Украина на 24 февруари, неутралната Финска поднесе барање за приклучување кон воената алијанса на НАТО.

Од Втората светска војна, Хелсинки е на високо ниво на воена готовност.

- Системски ја развивме нашата воена одбрана токму за ваков тип на војна што се одвива во Украина, со масовно користење на огнена моќ, вооружени сили и воздушни сили. Украина е тешка задача за Русија, а исто така и Финска - рече Кивинен.

Околу 100.000 Финци биле убиени за време на двете војни што Финска ги водела против Советскиот Сојуз и изгубила една десетина од својата територија.

vojna
Фото: Freepik

Нацијата од 5,5 милиони има воена сила од околу 280.000 војници со 870.000 обучени резервисти. Воената служба за мажи не е укината како во многу други западни земји од крајот на Студената војна.

Исто така, земјата има и една од најдобрите артилерии во Европа и крстосувачки ракети со дострел до 370 километри. Таа троши 2 отсто од својот БДП за одбрана, што е ниво повисоко од многу земји-членки на НАТО.

Финска нарачува четири нови воени бродови, како и 64 борбени авиони Ф-35 на американскиот одбранбен гигант „Локхид Мартин“. Исто така, Финска планира да нарача до 2.000 дронови, противвоздушна опрема и да изгради огради на границата со Русија.

82 отсто од испитаниците кои одговориле во анкетата на 18 мај за Министерството за одбрана рекле дека би биле подготвени да учествуваат во националната одбрана доколку Финска биде нападната. На напорот на Финска и Шведска за влез во НАТО се противи Турција, членка на Алијансата, а преговорите се во тек. Анкара ги обвинува Хелсинки и Стокхолм за поддршка на курдските милитанти и ембаргото за оружје на Турција.

Членството во НАТО ќе ѝ овозможи на Финска да ги зајакне своите способности за рано предупредување со тоа што ќе биде дел од заедничката контрола на воздушниот простор на Алијансата, рече Кивинен. Исто така Финска ќе има корист од одвраќањето со тоа што ќе биде дел од сојузот во кој нападот врз една членка е напад на сите, рече тој.

- Сепак, Финска ќе продолжи да ја носи главната одговорност за одбраната на Финска - изјави тој.

Извор: The Guardian
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот