X
 23.07.2018 Наша тема

Ивана Петровска е најдобар дипломец на Градежен факултет: Високиот просек не значи обезбедена иднина

Ова признание е заокружување на една успешно завршена етапа, но и обврска да се продолжи со истиот интензитет и ентузијазам

Со просек 9,90, Ивана Петровска од Тетово е најдобриот дипломец на Градежниот факултет за учебната 2017/2018 година. Таа завршила на студиската насока – Геодезија, а во моментов е на магистерски студии и работи како соработник на Катедрата за геодезија. Желба ѝ е активно да учествува во научноистражувачки проекти кои се од значење за развојот на најновите технологии и методологии во нејзината професија.

Дипломиравте како најдобар студент на генерацијата. Кои се Вашите искуства како студент по геодезија?

- За време на додипломските студии, а и сега на магистерските, Градежниот факултет за мене претставува повеќе отколку само образовна установа и пат до диплома. Студиите на геодезија ми овозможија да ја разберам суштината на професијата, да го согледам нејзиното есенцијално значење и примена во светските инженерски текови и стандарди, но и простор и поттик за дополнително надградување и напредување во оваа област. Покрај стекнувањето со стручно знаење и вештини, воспоставувам нови контакти, пријателства и се надградувам себеси како личност. Кога ги започнав студиите, воопшто не размислував за оценките и просекот. Бев фокусирана да го дадам својот максимум, да се стекнам со потребните знаења од областа за која се определив, a ваквата посветеност и амбиција го иницираа овој резултат. Секако, неминовно е да се спомене и улогата на професорите во целиот овој процес. Морам да нагласам дека на факултетот, а особено на студиската програма по геодезија постои интерактивен однос на релација професор-студент и обратно. Професорите несебично го споделуваат нивното знаење и секогаш се отворени за дополнителни иницијативи од страна на студентите за продлабочување на нивното знаење. Наградата за најдобро дипломиран студент од Градежниот факултет за мене претставува заокружување на една успешно завршена етапа, но и обврска да се продолжи со истиот интензитет и ентузијазам. Но, од друга страна, високиот просек не значи сигурно обезбедена иднина. Тој е само поттик за понатамошно надградување и вложување во образованието, односно во себеси – како најефективна инвестиција.



Дали Катедрата за геодезија располага со современа геодетска мерна технологија?

- Сведоци сме на брзите промени што се случуваат во опкружувањето, особено во доменот на науката и технологијата, кои вршат притисок и бараат од факултетот да одговори на тоа со свои акции. Со цел да одржува чекор со новите технологии, а пред сѐ имајќи го предвид автоматизираниот пристап на обработка на податоците, на Градежниот факултет се користат голем број софтверски пакети од најразлични области во геодезијата. Исто така, располага и со најсовремена геодетска мерна технологија. Единствено недостига само беспилотно летало или популарно наречено дрон, но верувам дека во најскоро време ќе биде обезбедено.

Дали факултетот Ви овозможува практична настава?

- Во геодезијата еднакво се важни и теренската и канцелариската работа. Делот што се однесува на проектирање, анализа и обработка на податоците спаѓа во канцелариска работа и е детално разработен во теоретските предмети, како и низ користењето на соодветните софтверски пакети. Но, секако, бидејќи станува збор за инженерска струка, а инженерството не е еднонасочно дејствување по теориите напишани во книга, туку изнаоѓање најсоодветно решение за практичен проблем, со цел да се одговори на потребите и предизвиците што ги наметнува модерното општество, неминовно е да се изведува и практична настава и во текот на студирањето. Со оглед на тоа дека факултетот располага со соодветниот инструментариум и прибор, изведуваме теренска настава по неколку предмети. Исто така, во студиската програма е предвидена и десетдневна пракса (на крајот од втора и во трета година) каде што навистина може да се добие претстава за тоа што значи геодезијата и како таа се имплементира во пракса. Сепак, сметам дека практичната настава заостанува зад теоријата и во иднина би требало да се доведат речиси на исто рамниште.



Дали луѓето во Македонија имаат предрасуди кога жена ќе одлучи да се занимава со ваква професија?

- Имајќи го предвид фактот дека живееме условно кажано во „машки свет“, бројот на успешни жени, особено кај природните и техничките науки, е далеку помал отколку бројот на мажите. Но, како што поминува времето, сметам дека луѓето се ослободуваат од ваквите стереотипи и дека ентузијазмот и квалитетот не смеат да познаваат полова основа. Денес жените се сѐ позаинтересирани да ги изучуваат природните и техничките науки, конкретно можам да кажам дека бројот на машки и женски студенти на студиите по геодезија е речиси изедначен.



Како ќе се движи Вашата професионална кариера понатаму, што Ви е следен предизвик?

- Сакам да одам чекор по чекор. Приоритет ми е завршувањето на магистерските студии, а бидејќи не ја исклучувам можноста и за продолжување на образованието и дополнително надградување на професионален план, со тоа ќе се зголемат и обврските и одговорностите. Во иднина би сакала активно да учествувам во научноистражувачки проекти што се од круцијално значење за развојот на најновите технологии и методологии во геодезијата, како и давање одговор на предизвиците на модерното инженерство.

Подготвил: Теодора Цветковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема