X
 23.07.2019 Наука

Догорчињата од цигарите влијаат на растот на растенијата

Догорчињата оставени во трева и на земја можат да му наштетат на растот на растенијата во околината, покажува нова студија.

Со студијата, предводена од истражувачи од Универзитетот „Англија Раскин“ во Кембриџ, Англија, било утврдено дека догорчињата можат да го скратат растењето или развојот на растнијата, што е уште едно дополнение на грижите за фрлените остатоци од цигари како потценет, но распространет загадувач.

Догорчињата го намалуваат успехот на растењето на тревата за 10 отсто и на детелината за 27 отсто, а влијаат и врз должината на израстокот, покажува студијата.

Иако пластичните сламки доминираа во разговорите за намалување на загадувачите, догорчињата се најраспространетите загадувачи создадени од страна на човекот.

Во студијата се проценува дека секоја година глобално се фрлаат околу 4,5 билиони догорчиња Иако е тешко да се утврди количината на фрлените цигари, проценките доаѓаат од производството на 5,6 билиони цигари ширум светот секоја година.

Состојката во филтрите која е опасна за животната средина доаѓа во форма на ацетат на целулоза, вид на пластика за кој е потребна најмалку една деценија за да се разложи.

Истражувачите наводно зеле примероци од градот Кембриџ, вклучително и локации кои имале и по 128 фрлени догорчиња на метар квадратен. Наводно, студијата не нашла разлика меѓу штетата предизвикана од испушени и неиспушени цигари.

Некои еколози се залагаат филтрите на цигарите да бидат целосно забранети.

-Поради тоа што филтрите не овозможуваат никаков здравствен бенефит и дејствуваат само како маркетиншка алатка, тие треба да се забранат за да се намали штетата која ѝ се нанесува на околината - истакна минатата година Томас Новотни, професор по јавно здравје на Универзитетот во Сан Диего.

Сепак, предлогот за таква забрана доживеа неуспех.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука