X
 23.07.2020 Живот

Од земја зависна од јаглен, Индија се трансформира во лидер за чиста енергија

Една од најголемите и најмногубројни земји на светот истовремено е и една од оние на кои им се заканува најголема опасност од климатски промени. Минатата година Индија се најде на петтото место на Индексот за глобални климатски ризици, а како клучни фактори што ѝ се закануваат се означени: големиот број на жители, кој директно зависи од земјоделското производство, големите и економски важни градови лоцирани на крајбрежјето и големото потпирање на фосилните извори на енергија.

Индија се наоѓа на самиот врв и на листите со земји што емитуваат најголеми количини на јаглероден диоксид во атмосферата, како и оние со најголеми резерви на јаглен. Меѓутоа, ситуацијата со емисиите и климатските промени во Индија не е сосема песимистична. Оваа земја во исто време е и еден од светските лидери во областа на обновливата енергија и планира огромно проширување на своите капацитети за производство на електрична енергија со помош на сонце и ветар.

Климатските промени како закана

Многу аналитичари оценуваат дека климатските цели што си ги постави Индија се многу амбициозни. Повеќето од нив се содржани во Националниот план за електрична енергија од 2018 година. Уште еден важен чекор направи Индија во јуни годинава, кога го објави првиот приказ на климатските промени во оваа земја.

Документот го направи министерството за геонаука со помош на истражувачите oд неколку установи, а овој приказ се фокусира на лошите сценарија со кои државата би можела да се соочи до крајот на овој век доколку не се намалат глобалните емисии на стакленички гасови. Во најлош случај, како што се наведува во овој приказ, температурата до 2100 година во Индија би можела да порасне за 4,4 Целзиусови степени во споредба со периодот од 1976 до 2005 година, а зачестеноста на топлите денови и ноќи би можела да порасне за 55 до 70 отсто.


Топлотните бранови би можеле да бидат три до четири пати посилни и почести, а би можел да расте и интензитетот на тропските циклони, како и нивото на морето. Треба да се потсети дека топлотните бранови во Индија во изминатите неколку години веќе станаа невообичаено јаки, што доведуваше до зголемен број на смртни случаи поради високите температури. Освен тоа, просечната температура расте, а и сушите се сè почеста појава. Голем дел од населението што живее од производство на фармите зависи од монсунските дождови, врз кои влијае зголемувањето на температурата на океанот.

Свртување кон сонцето

Населението во Индија немаше пристап до електрична енергија во доволна мера, па оваа земја во текот на изминатите години го решаваше тој проблем со градење термоелектрани на јаглен. Меѓутоа, сега решението сè повеќе се бара во обновливите извори на енергија.

Во мај годинава се случи пресвртница на тоа поле кога компанијата „РиЊу Пауер“ победи на еден од тендерите за снабдување со соларна енергија во следните 15 години нудејќи цена по киловат-час, која е пониска од цената на енергијата добиена од јаглен. Што е поважно, соларната енергија во овој случај го победува јагленот дури и кога не би постоеле дополнителни такси што се плаќаат на електричната енергија која се добива од ова фосилно гориво. Според пишувањата на индиските медиуми, ова го отвора патот на иднината на производството на електрична енергија која се заснова на несубвенциониран солар.

Индиските медиуми наведуваат и дека цената на панелот во оваа земја значително се намалила, а и порано светските медиуми ја означуваа Индија како погодно место за производство на електрична енергија на овој начин. Јагленот нема толку лесно да исчезне од индиските електрани и секако и понатаму ќе биде потребен, макар како помошен извор во оние ситуации кога енергијата од сонцето не може да се користи, но сега се потребни помалку нови капацитети.

Нов курс

Минатиот месец беше објавено дека индиската компанија „Адани грин енерџи“ ќе вложи шест милијарди долари во соларна енергија и дека целите што оваа земја ги има во поглед на обновливите извори се сериозни и високо поставени.

Исто така, според некои процени, изградбата на обновливите извори во оваа азиска земја веќе е поисплатлива од изградбата на нови електрани на јаглен. Поради тоа, одредени експерти посочуваат дека изградбата на планираните дополнителни капацитети што користат фосилни горива не би била лош потег само за населението, туку и за економијата.

И покрај многубројните предизвици, Индија оди кон својата цел, а тоа го покажува и податокот од март годинава, според кој, 35,86 отсто од капацитетите за производство на електрична енергија се обновливи извори.

Свеста за опасностите што ѝ се закануваат на земјата со голема густина на населеност и големи економски разлики меѓу населението поради климатските промени расте и резултатите стануваат видливи. Првиот државен документ што го разгледува овој глобален проблем на регионално ниво и целите што си ги постави Индија покажуваат дека борбата може да биде успешна.

Извор: National Geographic
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот