X
 23.08.2018 Култура

Германија има потреба од нова работна сила, се подготвува нов закон за доселување



Целта на новиот закон за доселување е да се доведе нова работна сила во Германија. Нацрт-законот на германската влада моментално е во подготовка, пишува „Дојче веле“.

На авторите на законот совршено им е јасно дека нискиот број невработени и стареењето на популацијата го отежнуваат процесот на пополнување на работните места со квалификувана работна сила. Претприемачите потенцираат дека регрутирањето кандидати од Европската Унија не е доволно за да се задоволат потребите за работна сила што ѝ недостига на Германија.


Германското знаме
(Фото: Pixabay)


Затоа Германија мора да биде значително поефикасна во доведувањето квалификувана работна сила од трети земји, пишува во нацрт-законот. Под трети земји се подразбираат државите надвор од ЕУ. Нацрт-законот, кој се подготвува во режија на министерството за внатрешни работи и кој веќе е испратен до министерствата за труд и економија, би требало до крајот на август да биде претставен пред кабинетот на канцеларката Ангела Меркел. На инсистирање на министерот за внатрешни работи, Хорст Зихофер (ЦСУ), „доселувањето во социјалниот систем“ мора да се избегне.

За разлика од Велика Британија, Канада и Австралија, германската влада не сака да воведе систем на бодирање кој ги изложува мигрантите на повеќекратна проверка. Се проверуваат нивото на образование, познавањето јазици и компатибилноста со пазарот на трудот. Идните доселеници добиваат одреден број бодови. Ако соберат доволен број, добиваат виза. Ако се под минимумот, им се ускратува доселувањето.

Во 2016 година СДП предложи таков систем да се воведе и во Германија. Предлогот тогаш доби поддршка од страна на умерените левоориентирани партии. Но, новиот предлог-закон не го предвидува ова. За волја на вистината, се препорачува доселениците да се избираат според тие критериуми, но не се предвидува бодирање.

Тогаш, на кој начин под тие услови би се проценувало кој може да добие виза? Експертите сè уште не се усогласиле по тоа прашање. „Се прашувам како сето тоа ќе се реализира“, вели Томас Либиг, експерт за миграции во ОЕЦД (Организација за економска соработка и развој). „Не знам како без систем на бодирање би можеле да се опфатат различни критериуми. Затоа сметам дека е потребно бодирање“.

За луѓе со високи квалификации Германија има еден од наједноставните закони за доселеници во светот. „Според сегашните услови, поедноставно е да се дојде во Германија отколку, да речеме, во Канада“, вели Либиг. „Германскиот систем се концентрира на дипломите. Ако имате документи дека сте квалификувани и ако имате работа, можете да дојдете и без познавање на германскиот јазик“.

На луѓето со првокласни квалификации Германија им нуди виза без оглед што немаат обезбедена работа. Тие сами можат да дојдат во земјата и да бараат работа. Но на Германија ѝ недостигаат работници со средна стручна подготовка: медицински сестри, болничарки, негуватели, воспитувачи, електричари, столари. Таквите професии покриваат 60 проценти од германскиот пазар на труд. Досега имаше проблеми со признавањето на дипломите и стручните уверенија. Ако се отстранат тие бариери, како што стои во предлог-законот за доселување, тоа би бил клучот за нивна успешна интеграција на пазарот на труд.

Но, во нацртот не е докрај прецизирано какво ниво на познавање на германскиот јазик би морал да поседува кандидатот за доселување и дали мора да постои некаква конкретна понуда за работа.

Моментално се чини дека германската влада планира да им дава визи и на луѓе со средна стручна подготовка. Тоа во Данска се покажало како вистински потег. На тоа поле, германските власти сè уште немаат искуство. Многу работи зависат и од работодавците, односно од нивната подготвеност да влезат во ризик. Либиг упатува на тоа дека многу германски компании неволно вработуваат работници од странство. „Ги прашавме дали имаат интерес да бараат работна сила и на странските пазари на труд, на што најголем број одговорија: ’во никој случај‘“.

За да стане атрактивна за кандидатите со високо образование, Франција неодамна го прецизира својот Закон за доселување, каде што ги отстрани сите можни препреки. Тоа особено се однесуваше за менаџери што работат за мултинационални компании кои заработуваат повеќе од 5.000 евра месечно.

Шведска негува многу полиберална политика. „Таму можете да одите и да барате каква било работа“, истакна Либиг. Тој додава дека за разлика од Шведска, Франција е прилично затворена, а Германија се наоѓа некаде помеѓу овие две земји.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура