X
 23.09.2019 Образование

Гимназијалци од Битола со изложба за Првата светска војна гостуваат во Франција

Битола и францускиот град Епинал продолжуваат да го негуваат пријателството, a последниот пример е изложбата посветена на Првата светска војна, изработена од учениците од гимназијата „Јосип Броз Тито“ од Битола, која беше отворена во Епинал, Франција, јавува дописникот на МИА.

Битола и Епинал годинава навлегоа во шестата деценија од нивното збратимување. По тој повод во Епинал – Франција допатуваа млади битолчани кои претставија дел од нивната работа за историјата на нивниот град.

Професорот по историја, Илe Трајковски, кој заедно со директорот на гимназијата „Јосип Броз Тито“ од Битола, Фани Наумовска, ги придружуваа тринаесетте ученици со нивната изложба, вели дека таа дозволува да се претстави нашата страна од историјата на Првата светска војна.

- Најчесто слушаме за различните војски што беа на оваа територија, за страдањата на војниците и воените судири, но многу ретко или речиси никогаш за делот кој е посветен на локалното население, кое дало исто така големи жртви во оваа војна и наведува да се размислува за создавање нивно обележје.

Емилија Мицевска, една од учесниците во проектот, не ја крие гордоста што може да даде свој придонес.

Заменик-градоначалничката на Битола, Емилија Костурски, нагласува дека изложбата значи продолжување на долгогодишното пријателство меѓу Епинал и Битола.

- Веќе ја започнавме шестата деценија од ова долго пријателство и ова е убав повод да им порачаме на младите дека  тие треба да го продолжат ова збратимување и почитување меѓу двата града и двете држави - вели Костурски.

Градоначалникот на Епинал, Мишел Хајнриш, кој ја виде изложбата пред една година во Битола и беше иницијаторот за нејзиното носење во Епинал, е импресиониран од направената работа од страна на младите битолчани и особено од познавањето на францускиот јазик.

- Бев импресиониран од квалитетот на изложбата која ја раскажува историјата на Источниот фронт. Историја која малку не е позната и за која се зборува многу малку кај нас иако имавме жители од нашиот град кои се бореа таму. Изложбата е за поздравување, бев импресиониран од младите средношколци кои ни ја претставија на француски јазик - истакна Хајнриш.

Изложбата останува во Епинал и веќе е најавено дека таа ќе биде поставена во сите основни и средни училишта во овој француски град.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование