X
 23.10.2022 Наука

Откриена е нова функција на малиот мозок

Ново истражување покажало дека церебелумот, односно малиот мозок има функција за која претходно не се знаело.

Претходно било познато дека малиот мозок има важна улога во контролата на движењето. Се знаело и дека во некоја мера може да биде вклучен во некои когнитивни функции, како што се вниманието и јазикот, како и регулирањето на реакцијата на страв и задоволство. Меѓутоа, ново истражување покажало дека малиот мозок има важна улога во помнењето емоционални позитивни и негативни дразби.

Благодарение на силните емоционални искуства, помниме и препознаваме ситуации во кои сме биле изложени на опасности, како и ситуации во кои на некој начин сме напредувале. Со помнењето на емоциите најмногу се поврзуваат други делови од мозокот, но авторите на новото истражување покажуваат дека малиот мозок исто така е вклучен во помнењето на овие емоции.


Фото: Freepik

Тие стигнале до овој заклучок откако ги снимале мозоците на 1.418 здрави учесници кои имале задача да гледаат фотографии кои предизвикувале различни емоции. Снимките од мозокот покажале дека учесниците многу подобро помнеле позитивни и негативни фотографии отколку неутрални фотографии, како и дека таквите фотографии предизвикале зголемена активност на малиот мозок.

Освен тоа, научниците забележале дека комуникацијата помеѓу малиот и големиот мозок била зголемена кога учесниците ги гледале фотографиите што им буделе емоции.

- Овие резултати покажуваат дека малиот мозок е составен дел од мрежата која е одговорна за подобрено снабдување со емоционални информации - изјавил Доминик де Кервен, еден од истражувачите.

Новото откритие би можело да помогне во решавањето проблеми со помнењето факти кои се потиснати бидејќи предизвикале болни емоции.

Извор: Index
Насловна фотографија: Freepik
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука