X
 23.11.2020 Наша тема

Спијат на час, упаѓаат ученици од други училишта... Недисциплинираните во училница - недисциплинирани и онлајн

Средношколците се во фаза кога им се случуваат многу промени, тие се на премин од еден во друг стадиум во животот. Се запишуваат како деца, а од училиштето заминуваат како возрасни млади луѓе. Како се однесуваат додека траат часовите? Умеат ли нивните професори да воспостават контрола на онлајн-часот?

Истекува вториот месец откако почна наставата на далечина наместо во училиштата со цел да се спречи ширењето на Ковид-19. Ова значеше почеток на целосно нов начин на работа за професорите, за учениците и за другите вработени во основното и во средното образование.

Во училиштата за средно образование наставата генерално се одвива на далечина. Средношколците се во фаза  кога им се случуваат многу промени, тие се на премин од еден во друг стадиум во животот. Се запишуваат како деца, а од училиштето заминуваат како возрасни млади луѓе. Како се однесуваат додека траат часовите? Умеат ли нивните професори да воспостават контрола онлајн-часот? Одговори на овие прашања Факултети.мк побара од професори и директори на неколку училишта за средно образование.

Недисциплинираните во училница се однесуваат исто и онлајн

Александар Алексовски, професор по предметот биологија во училиштето „Марија Кири Склодовска“, вели дека попречувањето на часовите било поизразено во првите недели на учебната година.

- Во почетокот имаше исклучување на микрофонот на професори и ученици. Се случуваше ученикот кој нешто презентира во моментот да биде исклучен од состанокот од негов соученик или, пак, да бидат исклучени сите. Најчесто проблемите ги прават учениците кои и во вистинската училница се понедисциплинирани. Сепак, ова им се случува кај колегите што немаат доволно познавања за „Мајкрософт тимс“ и кога ги креираат состаноците, им оставаат простор на учениците буквално да им го украдат часот. Ако ги одберат вистинските опции и ако си наместат правилно, тие ќе го владеат состанокот наместо децата, и тогаш тие ќе ја имаат контролата. Има опции како да се спречи тоа и како да се одржи дисциплината на ниво додека трае наставата. Сето ова е ново, но проблемите ги решаваме во од - вели професорот.

Спијат на час

Татјана Маленко е долгогодишна професорка во училиштето „Михајло Пупин“, која предава струни предмети од електроструката, микропроцесори и микроконтролери. Во поглед на дисциплината, вели дека учениците се подобри откако учат од дома, но неретко се случувало да се вклучени на часот, а сепак да не се присутни.



- Немаме ситуации да има исклучувања од состаноци, да вреват на час. Тоа не се случува. Но оние што си имаа навика да доцнат на час и кога се доаѓаше на училиште, истото им се случува и сега кога наставата е онлајн. Се случува да доцнат или да се вклучат, а да не се присутни, или да спијат кога се прва смена. Им се обраќаме, ги прозиваме, но ги нема да се јават. Се случува и некој ученик да го напушти часот ако има испрашување или оценување - вели професорката Маленко.

Таа вели дека во други училишта се случувале и намерни упади на ученици, кои преку нивни другари влегуваат на час во училиште во кое не учат, а кога ќе влезат, викаат и недолично се однесуваат, со што го попречуваат часот.

Педагошки пристап

Учениците се во години кога им се случуваат многу промени, вели Александар Сибиновски, директор на средното стручно училиште „Владо Тасевски“.

- Се разбира дека меѓу нив има и такви што се склони кон тоа да сакаат да ги покажат своите „вештини“, да се издвојат од другите, да доминираат или, накусо, да покажат колку се мангупи. И тоа не е нешто ново и не е нешто што го нема во сите училишта, дури и тогаш кога учениците се во училниците и кога наставниците имаат директна контрола на нивното поведение. Мудриот и искусен наставник ќе ги препознае, ќе поразговара со нив, ќе најде начин да им покаже дека со своето однесување го нарушуваат наставниот процес. Впрочем, како и вообичаено во животот, добриот збор и добрата намера секогаш ќе вродат со плод. Кога работите со ученици-тинејџери, тоа можеби нема да случи веднаш, но ако наставникот има трпение и ако пријателски пристапи, проблемот секако ќе биде решен - вели директорот.

Игра со почитување на правилата

Ако некој од учениците ја попречува наставата, предметниот наставник го информира класниот раководител, а тој презема соодветни чекори да се решат проблемите, преку разговор со ученикот и со родителите.

- Ќе бидам искрен, до мене во изминатиов период не стигнале информации за посериозни проблеми или обиди за попречување на наставниот процес. А тоа значи дека доколку имало такви проблеми, тие биле решени и надминати. Јас сум професор по спорт, па ова ќе се обидам да го објаснам со спортски речник. Во оваа нова училишна реалност ние, наставниците, играме на терен на кој децата се домаќини, а ние гости, со оглед на тоа што денешните деца буквално живеат во свет во кој комуницираат преку различни социјални мрежи и на интернет се чувствуваат како дома. Битно е дека и едните и другите знаат што е фер плеј, дека се игра со почитување на правилата и прописите и дека секој намерно сторен прекршок се санкционира. А најважно од сè е кај учениците да се развие свест дека секој клас е тим, а во тимот се игра тимски и со желба да се постигне што подобар резултат. Не сакам да звучи нескромно, но јас навистина имам тим во кој верувам и знам дека од оваа битка ќе излеземе подобри и посилни - порачува директорот Сибиновски.



Во гимназиите - мирно на часовите

Проблемот со недисциплина кај учениците е помалку изразен во гимназиите, барем така велат неколкуте професори и директори со кои поразговаравме.
Семра Шерифовска-Ќамил, професорка по информатика и програмски јазици во скопската гимназија „Јосип Броз Тито“, вели дека уште на почетокот од учебната година професорите нашле начин како да се заштитат користејќи „Тимс“ додека предаваат.

- Во нашето училиште немаме вакви случаи. На почетокот имавме една или две паралелки, но најдовме како да се заштитиме. Тоа технички се решава. Секој професор знае како да си го закаже часот. Не можам да се пожалам, децата се присутни и немаме проблеми - вели професорката.

Поголеми проблеми во однос на попречувањето на онлајн-наставата нема ниту во гимназијата „Орце Николов“, велат оттаму.

Фото: Архива
Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема