X
 23.12.2020 Здравје

Млада Србинка направи апликација што им помага на здравствените работници во црвената зона

Тамара Јаковљевиќ, докторанд на меѓународниот факултет „Џозеф Стефан“ во Љубљана, заедно со експерти од областа на медицината и технологијата развила специфичен електронски систем за унапредување на здравствениот систем и на здравствените работници.

Станува збор за платформата „Лекарите за лекарите“, која го следи и го спречува заразувањето со Ковид-19, но и ги унапредува условите за живот и работа на луѓето во здравството.

- Идејата произлезе од непрофитна иницијатива, во желбата да им помогнеме на здравствените работници и системот во време на вонредни околности. Реализацијата во вонредни услови подразбира забрзано работење и посветеност на сите страни за да се постигне одредена цел. Обично претприемачите ги води ентузијазам, заљубеност во идејата или проблемот што го решаваат, додека овде дополнителен мотив беше помошта за колегите, како и реалната потреба на пазарот - објаснува Тамара.




Тамара и нејзиниот тим забележале многу предности по воведувањето на системот на кој работат. Платформата може да се користи за следење на општата состојба на вработените, обемот на работа и превенцијата од болести, вели таа.

За здравствените работници е важно да може анонимно да ја евидентираат нивната состојба во работата, како и да побараат помош доколку се уморни или под стрес поради пандемијата. На тоа се заснова концептот на „Лекарите за лекарите“.

Според Тамара, иднината на овој стартап-проект ќе биде примена на производите и услугите создадени преку иницијативата. Електронскиот систем за напредна анализа на здравствената состојба на работниците има примена во здравството, но и во останатите индустрии, а може да биде приспособен според потребите на раководителите на различните организации. Во иднина се планира пласирање на системот во странство.

Извор: noizz.rs
Насловна фотографија: Screenshot/Facebook

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје