X
 24.02.2021 Култура

Распределени 11 милиони евра за проекти од национален интерес во културата. Буџетот скратен за 3 милиони

Министерство за култура ги објави резултатите од Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2021 година по дејности и области. Акцентот при распределба, рече министерката за култура Ирена Стефоска, е ставен врз квалитетот на проектите, нивното значење за јавниот интерес во културата, нивната релевантност за животот на граѓаните, поддршка на автори од различни етнички заедници, стимулирање креативни творци, на ранливи маргинализирани групи, реално вреднување на трудот за да се заштити достоинството на авторот.

Првпат, вели таа, одобрени се солидни средства за заштитата на нашето културно наследство. Додаде дека бројни се проектите во програмата со интеркултурен карактер. Одобрени се голем број проекти како поткрепа на заложбата за деметрополизација на културата.

 - Не смее да се очекува овој конкурс да ги реши сите децениски наталожени проблеми. Оттука промените во овој конкурс се само првиот пионерски чекор кон усовршување на целиот систем - нагласи Стефоска.

Таа објасни дека се доцни со соопштувањето на резултатите од објективни причини – работа во ковид-услови и намален буџет од 3 милиони евра, поради поранешни нерегуларности со кои сега се занимаваат надлежните институции.

Доделени се толку средства со колку што располага Министерството.

 - Првпат не се преземаат обврски повисоки од буџетските средства - вели Стефоска.

За распределба на 11 милиони евра, пари на даночните обврзници, пристигнале 6.352 апликации – рекорден број. Стефоска изрази голема благодарност до стручните комисии за нивната непопустливост пред огромните притисоци на кои биле изложени.

Добар дел од другите корисници и националните институции имале неадеквантно и нецелосно пополнети апликации. Нагласи дека мора да се работи на високата свест за заемна отчетност за трошењето на секој денар.

- Дел од корисниците кои од различни причини, понекогаш легитимни, понекогаш нелегитимни, се извештиле низ годините како да го надмудруваат конкурсот, па така на разни начини се протнуваат низ дупките во системот – еднаш се појавуваат како автори, другпат како уредници, консултантни, учесници во манифестација, членови на жири-комисии, во групен проект. Исти лица си конкурираат сами на себе и така конкурсот ја изгубил смислата на натпревар. Неретки се и оние што аплицираат со копи пејст проекти, кои изминатите години биле веќе поддржани. Во ваков сложен и проблематичен контекст и комисиите и јас како министерка зазедовме став за суштинска позиција да се обезбеди одговорна, транспарентна и праведна дистрибуција на парите на даночните обврзници за културата - рече Стефоска.

Дел од апликантите, вклучително и националните установи, додаде таа, побарале непристојно големи суми, а дел побарале средства за проекти кои поради ковид-рестрикциите тешко дека ќе можат да се реализираат.

- Убедена сум дека во резултатите од програмата, културната јавност ќе го препознае напорот за напуштање на принципот „по малку за сите“ – таквиот принцип ја обесмислува културата и ја убива креативноста, заклучи Стефоска.

Таа апелираше до Собранието што побрзо да го донесе новиот закон за јавен интерес во културата кој го очекуваат 3.500 културни работници. Роковите за корисниците оваа година, нагласи, ќе бидат пролонгирани за да имаат време да си ги реализираат проектите.

Одговарајќи на новинарско прашање, рече дека исплатите во однос на годишните проекти од минатиот конкурс, Министерството за култура ќе ги направи до последен денар и замоли за трпение додека институциите си ја завршат работата. За проектите годинава, рече дека е организирана целата работа многу побрзо да се склучат договорите со корисниците и да се изготват решенијата.

Резултатите може да ги видите на овој ЛИНК.

Фото: Влада

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура