X
 24.03.2023 Живот

Кралот Чарлс бара готвач што ќе му приготвува вегански оброци

Бакингемската палата го бара вистинскиот кандидат кој ќе приготвува вегански оброци за да ги задоволи барањата на кралот Чарлс.

Ако приготвувањето вегански оброци е вашата специјалност, Бакингемската палата нуди работно место за вас. Во моментов, кралската резиденција има испратено оглас за готвач чија задача ќе биде да приготвува врвни вегански оброци.

Готвачот ќе приготвува оброци користејќи сезонски намирници и ќе управува со резервите на храна во кујната и со персоналот.

- Опсегот и разновидноста што ги нуди оваа работа се огромни - пишува во огласот.

Позицијата бара посветеност 45 часа, пет дена неделно.

- Исто така, ќе работите со главниот готвач и кралскиот готвач, оживувајќи ги традиционалните јадења и поттикнувајќи нови идеи за менија. Во сето она што го правите, треба да го гарантирате најдоброто - пишува во огласот.

Готвачот ќе се приклучи на тим од уште 30 готвачи кои приготвуваат оброци во шест резиденции. Бидејќи готвачот ќе биде одговорен за готвење за кралското семејство и гостите, квалификуваниот кандидат ќе треба да биде вешт во приготвувањето вегански оброци и да ги исполни барањата за исхрана на кралот Чарлс.

Дали кралот Чарлс е веган?

Во интервју за Би-би-си во 2021 година кралот Чралс откри дека го ограничува својот внес на производи од животинско потекло во обид да ја поддржи борбата против климатската криза.

Иако тој не е веган, се воздржува од месо два дена во неделата и еден ден не консумира никакви млечни производи.

Работното место бара кандидатите да имаат добро познавање на класичната кујна и прехранбената индустрија, како и способност за развивање менија за разновидни настани и кетеринг.

Извор: Vegnews.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот