X
 24.04.2018 Наука

За овој остров среде Европа никој не зборува...



За да заминете на островот Римс, неопходна ви е дозвола. По добивањето на дозволата, мора да поминете низ неколку безбедносни контроли, да се слечете, да го дезинфицирате телото и да облечете специјален костим кој личи на вселенски скафандер.

Пред да заминете од островот, мора темелно да се истуширате: една минута под млаз од вода, една минута сапунисување, па повторно минута туширање. Миењето коса и четкањето нокти се дел од пропишаната процедура, за која постојат оправдани причини. На островот Римс, кој е лоциран во Грајфсвалдскиот Залив во јужниот Балтик, се наоѓаат истражувачкиот центар и седиштето на Институтот „Фридрих Лефлер“, каде што се одгледуваат опасни вируси и батерии за научни истражувања.

1
Фридрих Лефлер/Фото: Wikipedia

Пред повеќе од сто години Фридрих Лефлер, ученик на познатиот микробиолог Роберт Кох, откривачот на бацилите на туберколозата и антраксот, ги истражувал шапот и лигавката на една фарма во градот Грајфсвалд и притоа сосема случајно ги открил вирусите.

Се установило дека болеста не ја предизвикуваат бактерии, туку дотогаш непозната класа „најситни од сите познати организми“. Но додека бил посветен на искоренување на таа заразна болест, Лефлер предизвикал спротивен ефект: во околината на градот од таа болест пцовисале неочекувано голем број животни. Во текот на истражувањето Лефлер не сакајќи инфицирал цели стада со болеста што сакал да ја искорени.

Во близина на градот се наоѓал остров долг 1.250 и широк 30 метри. За да не ја повтори грешката, Лефлер во 1910 година таму го основал првиот институт за истражување на вируси во светот. Островот во 1926 година со жичница бил поврзан со копното заради транспортирање на потребните материјали. Нацистите во таа лабораторија истражувале биолошко оружје, а Германците подоцна таму тестирале вакцини.

Истражувачкиот комплекс Римс, кој од 1997 година е седиште на Институтот „Фридрих Лефлер“, е проширен и модернизиран. Германија вложила 300 милиони евра за опремување на 89 лаборатории и 163 штали за стока, која е неопходна за експериментите. Пред сè, тука се истражуваат болеста на лудите крави, шап и лигавка, свинската чума и зоонози – опасни болести кои се пренесуваат од животни на човекот: сарс, ебола и Кримса Конго – хеморагичната треска.

За вирусите да не се прошират надвор од островот, освен деталната процедура за вработените и за посетителите, постојат и т.н. смртоносни резервоари каде што отпадните води се загреваат до температури на кои се уништуваат и најмалите бацили. Во подрумските простории на лабораторијата се наоѓаат и џиновски метални котли наполнети со калиум хидроксид, каде што се потопуваат телата на пцовисаните животни сè до нивно целосно разложување.

Фото: Wikipedia
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука