X
 24.04.2018 Живот

Зошто постарите жени во Јапонија сакаат да завршат во затвор?

Јапонија го има најстарото население во светот. Најмалку 27 отсто од жителите се на возраст од над 65 години. Поради тоа, земјата се соочува со огромен проблем.

Најмалку една петтина од жените во јапонските затвори се постари граѓани, при што најмалку девет од десет извршиле безначајни прекршоци, како што е кражба.

Причината за ова не е само необичен криминален бран. Наместо тоа, станува збор за проблем од социјален карактер. Помеѓу 1980 и 2015 година бројот на стари лица што живееле сами во Јапонија се зголемил над шестпати, на речиси 6 милиони.

Во 2017 година истражувањето на владата во Токио покажало дека повеќе од 50 отсто од постарите луѓе што краделе живееле сами, а 50 отсто немале семејство или роднина. Пред појавата на овој тренд било традиција семејствата и заедниците да се грижат за постарите граѓани, но недостигот на ресурси почнал да станува проблем. Со оглед на тоа што постарите популации се сè поизолирани како резултат на тоа, жените одлучиле да направат некаков прекршок со надеж дека затворот ќе им обезбеди прибежиште и дом.

„Можеби имаат куќа. Можеби имаат семејство. Но тоа не значи дека имаат место што го чувствуваат како дом. Тие мислат дека не се разбрани и мислат дека општеството ги смета како некој што ги извршува домашните обврски“, вели Јуми Муранка, началник на женскиот затвор „Ивакуни“ во близина на Хирошима.

Се смета дека постарите жени, повеќе од мажите, се економски ранливи, при што речиси половина од женската популација над 65 години живее во сиромаштија.

На овие жени затворот им овозможил да избегаат од домашниот живот.

„Мојот сопруг имаше мозочен удар пред шест години и оттогаш е врзан за кревет. Исто така, има деменција и страда од параноја. Беше премногу тешка грижата за него и физички и емоционално поради мојата возраст. Не можев да зборувам со никого за мојот стрес бидејќи се срамев. Првпат бев затворена кога имав 70 години. Кога крадев, имав пари во мојот паричник. Во тие моменти размислував за мојот живот.

Не сакав да си одам дома, а немав каде да одам. Затворот беше единствениот начин. Мојот живот беше многу полесен во затворот. Можев да бидам јас и да дишам“, вели анонимна затвореничка.

За некои од стражарите во затворот, нивните секојдневни работни места сега се слични на негувателите во старски дом. Сето ова создава дополнителни проблеми. Негата на постари затвореници на затворите им донела дополнителни трошоци. Поточно над 80 отсто зголемување од 2005 година наваму. Понатаму, повеќе од една третина од женските службеници ги напуштаат своите работни места во рок од три години, што доведува до очигледен недостиг на персонал.

Јапонската влада допрва треба да воспостави програма за жените погодени од овие прашања, иако и сега се обидува да направи нешто. Во 2016 година бил донесен закон со кој се обезбедува поранешните затвореници да добијат помош од јапонските социјални служби.

Дополнително на тоа, обвинителските канцеларии и затворите работат со владините агенции за да им помогнат на жените што се наоѓаат во вакви ситуации.

Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот