X
 24.04.2019 Живот

Брачен пар од Бразил засадил цела шума со над 2 милиона дрвја во период од 20 години

Според Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации, 129 милиони хектари шума, површина речиси еквивалентна на Јужна Африка, има изгубено планетата Земја од 1990 година. Секоја година се губи површина со големина колку Панама.

Околу 15 отсто од сите емисии на стакленички гасови доаѓаат од уништувањето на шумите, а безброј видови растенија и животни ги губат своите живеалишта секој ден. Ова се поразителни бројки за здравјето на нашата планета и едноставно не смее да продолжи така.

Што можеме да преземеме во врска со ваквиот масовен еколошки масакр? Иако можеби ситуацијата прави човек да се чувствува мал и беспомошен, сепак, важно е да знаеме дека сите можеме да направиме огромна промена. Бразилскиот фотограф Себастијао Салгадо и неговата сопруга Лелија Делуиз Ваник Салгадо одлучиле да покажат каква промена може да направи мала група од страсни, посветени луѓе.

1
Фото: Sebastiao Salgado


Салгадо е реномирана личност - има освоено големи награди во фотоновинарството и има објавено повеќе книги. Во текот на 90-тите години, откако бил физички и емоционално исцрпен по документирањето на  геноцидот во Руанда, тој се вратил дома, во Бразил, површина што некогаш била опфатена со бујна тропска дождовна шума. Бил шокиран откако дознал дека областа сега е пуста и повеќе не живее див свет. Неговата сопруга Лелија му рекла дека шумата може да се врати во првобитната состојба.

- Површината беше болна како и јас - сè беше уништено. Само околу 0,5 отсто од површината беа покриени со дрвја. Но, мојата сопруга имаше одлична идеја, да засадиме шума. Кога почнавме да го правиме тоа, се вратија инсектите, птиците и рибите, а благодарение на зголемувањето на дрвјата, се преродив и јас - ова беше најважниот момент - вели тој.

1
Фото: institutoterra

Во период од 20 години се врати дивиот свет, а онаму каде што владеела апсолутна тишина денес може да се слушне црцорење на птиците и зуење на инсектите. Се вратиле 172 вида птици, 33 вида цицачи, 293 вида растенија, 15 вида рептили и 15 вида водоземци. Целиот екосистем повторно бил изграден од нула.

- Природата е почвата и другите суштества. Ако немаме некакво духовно враќање на нашата планета, се плашам дека ќе бидеме компромитирани - вели Себастијао.

5
Фото: institutoterra
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот