X
 24.04.2019 Образование

Филозофскиот факултет од Скопје организира летна школа во Сараево

Меѓународната летна школа „Превенција на ризици во урбани средини“, која ја организира Филозофскиот факултет од Скопје заедно со сараевскиот Факултет за криминалистика, криминологија и безбедносни студии, ќе се одржи од 24 до 28 јуни во Сараево.

Целта на школата е преку интердисциплинарен пристап, покрај проширување на знаењата на студентите, да поттикне интерес и кај разни професионалци од регионот и од Европа за да се засилат капацитетите и човечките ресурси во секоја земја за превенција на ризиците и за подобрување на животот на секој граѓанин.


Врвни професори ќе предаваат на летната школа

- Она што особено ме радува е што многу институции и организации пројавија интерес и ја разбраа важноста на овој проект. Секако, голема благодарност за поддршката и идеите на нашите партнери, колегите од Факултетот за криминалистика, криминологија и безбедносни студии од Сараево. Големиот број заинтересирани учесници од целиот регион е доказ за оправданоста на оваа програма, која ќе настојуваме секоја година да ја унапредуваме и развиваме со намера да се зголеми нејзиниот меѓународниот карактер и углед - вели деканот на Филозофскиот факултет од Скопје, Ратко Дуев.

Сложените процеси низ кои минува човештвото во современието бараат постојано проширување на знаењата за да се разберат развојот и феномените на „новото општество“ со кои денес се соочува човекот, но и развивање нови форми на пренесување и размена на знаењата во процесот на доживотно учење.


Проф. д-р Ратко Дуев

- Затоа сметам дека програмата нуди голема можност за учесниците да стекнат нови знаења за оваа актуелна и значајна тема - објаснува Дуев.

Инаку, школата нуди можност за теоретски, практични предавања и вежби на експерти од Македонија и Босна и Херцеговина за предизвиците што ги носат „Новите урбани средини“ за безбедноста на граѓаните со постојаниот прираст на населението во големите градови, проблемите со урбанистичките планови, ширење на градската инфраструктура, напливот на мигранти од кризни подрачја, растечкиот криминал, воведување нови енергенти и да стекнат знаења како да се надминат проблемите со кои се соочуваат градските служби, безбедносниот сектор и институциите.
Учесниците на Меѓународната летна школа ќе можат да ги слушаат предавањата на босански, српски, хрватски, македонски и англиски јазик.

На учесниците на меѓународната летна школа ќе им се издаде заеднички сертификат од Факултетот за криминалистика, криминологија и безбедносни студии при Универзитетот во Сараево, Босна и Херцеговина и Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, Македонија, на босански и на македонски јазик. Со сертификатот ќе се издаде и додаток (суплемент) кој ќе ја опише програмата на Меѓународната летна школа.

Регистрацијата е отворена до 8.06.2019.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование