X
 24.04.2020 Образование

Американските универзитети размислуваат за одложување на предавањата до 2021

Одредени универзитети и високообразовни институции во САД ја разгледуваат опцијата да не одржуваат предавања на факултетските кампуси до 2021 поради пандемијата на коронавирусот.

Од Бостонскиот универзитет изјавиле дека предавањата ќе продолжат да се спроведуваат онлајн во есенскиот семестар. Според универзитетот, предавањата ќе се одложат до јануари 2021 доколку властите одлучат дека не е безбедно да се отворат кампусите наесен.



Фото: Pixabay

Универзитетот „Харвард“ разгледува многу сценарија за есенскиот семестар, изјавил претседателот Лоренс С. Бекоу во текот на месецов. Овој универзитет бил еден од првите што ги испратија студентите дома.

На универзитетот во Аризона се надеваат дека есенскиот семестар ќе ги врати студентите во предавалните, исто како и државниот универзитет во Орегон.

- Може да се надеваме за целосно враќање наесен, но надежта не е стратегија. Затоа ќе се подготвиме најдобро што можеме за секоја можна ситуација - изјавил Стив Кларк, портпарол на Универзитетот во Орегон.


Фото: Pixabay

Пандемијата го промени високото образование насекаде. Според одредени истражувачи на „Харвард“, мерките за социјално дистанцирање, на пр., уредбите за седење дома и затворање на образовните институции, може да останат на некои места во САД до 2022.

Епидемиологот Ерик Фејг-Динг смета дека факултетите треба да се подготват за неочекуваното и соодветно да планираат.

- Мислам дека факултетите дефинитивно треба да прават планови за одложување на датумите за започнување и за привремени затворања и повторни отворања бидејќи можеби ќе биде потребно да се воведуваат бранови на отворање и затворање дури и до 2022 - изјавил тој. 

Извор: alarabiya.net
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование