X
 24.06.2018 Образование

За да стане eгиптолог, на Марија Томашевска ѝ се потребни 17.000 долари, помош бара на социјалните мрежи

Уште како дете, додека сите гледаа цртани филмови, јас се интересирав само за документарци поврзани со археологија

- Сакам да бидам првиот македонски египтолог и да им го пренесам моето знаење на идните археолози во земјава - раскажува за Факултети.мк, Марија Томашевска. Но за да се оствари нејзиниот сон, потребни се 17.000 долари.
Деновиве на својот фејсбук-профил објави статус преку кој бара донации за своето школување во Холандија. Министерството за образование и наука не одговорило на нејзините барања. Ова ѝ е последна опција.
Помош побарала секаде, ама не ја добила.

Уште како дете, додека сите гледале цртани филмови, таа се интересирала само за документарци поврзани со археологија.
- Кога ќе дојдеше на ред емисија за Египет, сакав дома да е тишина за да можам внимателно да гледам и да слушам – додава низ смеа Томашевска.



Археолошкото ископување е сложувалка со скриени делчиња

Отсекогаш ја фасцинирала неизвесноста во оваа наука, возбудата и различните претпоставки што ги имаат археолозите. Таа го споредува археолошкото ископување со редење сложувалка, но со скриени делчиња.
На прашањето зошто баш Египет, како причина го наведува фактот дека египетската култура е автентична и самостојна. Египетската уметност во големи размери се разликува од другите. Нивната религија, верувањата во задгробниот живот и ритуалите на античките Египќани се само дополнителна инспирација зошто толку многу сака да стане египтолог.


Марија Томашевска

- Малкумина знаат дека баш оваа земја има историска поврзаност со народите што тогаш ја населувале Македонија. Сепак, кај нас досега никој не се занимавал со детално и длабинско изучување на силната врска што ја имале – вели таа.

Го одбрала Универзитетот во Лајден затоа што е еден од десетте најдобри за археологија и египтологија во цел свет. Холандија е една од најстарите и најактивни истражувачи во Египет, а како земја нуди богата култура и уметност.
Томашевска се надева дека еден ден знаењето што ќе го стекне на тој универзитет ќе може да го пренесе на нашите факултети.
Таа дипломира археологија на Филозофскиот факултет во 2017 година.


Линк за донација
Подготвил: Теодора Цветковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование