X
 24.06.2019 Образование

Земјотресите ја одвраќаат Јапонија од одлуката за забрана на смартфоните во училиштата

Да се дозволат или не смартфони во училиштата, прашање е сега. Просветните работници низ светот се борат со овој проблем бидејќи станува сѐ поочигледно дека мобилните направи се длабоко навлезени во нашите постмодерни животи и нема да ги снема набрзо. Јапонија не е исклучок од ова.

Во Токио во 2009 година беа забранети мобилните телефони во основните и во средните училишта. Овие ограничувања конечно се укинати поради загрижувања за безбедноста, објави локалниот образовен борд.

Потегот доаѓа откако службениците во префектурата Осака минатата година ја преиспитале одлуката за забрана на мобилните во училиштата. Во јуни 2018 година регионот беше погоден од земјотрес во текот на утринските часови и корисноста на мобилните телефони ги натера локалните власти да ја укинат забраната за нив во образовните институции. Во мај службеници од Токио нарачаа извештај за оценување дали истата постапка би била практична и во престолнината и заклучи дека би била, врз основа на популарноста на паметните телефони меѓу учениците и нивната полезност во итни случаи.

Студија од минатата година утврди дека повеќе од 97 отсто од јапонските средношколци веќе користат паметни телефони. Ова значи дека во вонредни ситуации големо мнозинство од тинејџерите би можело да се лоцира преку нивните направи. Сега директорите во секое општинско училиште ќе мора да одредат правила за нивните институции и да им ги пренесат новите упатства на учениците. Додека некои може да дозволат смартфони во училниците, другите слободно можат да изберат ограничување на користењето и да продолжат да ги забрануваат за време на часовите.

Јапонија не е сама во ваквиот вид борба, но нејзините неодамнешни одлуки се спротивни на одлуките на други влади.

Во Франција лани беше забрането употребувањето на паметните телефони во училниците за сите ученици до 15-годишна возраст. Мерката беше ентузијастички одобрена, а властите истакнуваа дека нивна улога е да ги заштитат децата и адолесцентите, а овој закон го овозможувал тоа.

Владата на Нов Јужен Велс, Австралија, исто така лани реши да ја ограничи употребата на мобилните телефони. Локалните власти решија да им забранат на основците да користат паметни телефони на училиште за да го намалат булингот и споделувањето експлицитни фотографии. Средните училишта имаат можност да одлучат дали ќе ја воведат забраната и до кој степен.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование