X
 24.06.2020 Наука

„Новата нормалност“ за Арктикот

Додека Европа се учи да живее со новата нормалност, како што многумина ја нарекуваат, наметната од пандемијата на коронавирусот, викендов во градот Верхојанск во Сибир беа измерени 38 Целзиусови степени - локална рекордна температура и можеби рекорд за арктичкиот круг.

Епизодата на исклучителна топлина, која примарно беше забележана во Сибир, но потоа се прошири во други поларни региони, поттикна шумски пожари на Северниот Пол.

Како што глобалните температури продолжуваат да растат, ова е новата нормалност со која се соочува Арктикот.

Температурата во Верхојанск, како и на многу места во овој дел од светот, е предмет на флуктуации. Назима тоа е едно од најстудените места на планетата со температури кои се спуштаат и 50 степени под нулата, но во ова време од годината обично е околу 20 степени. Алармантно е што тоа е речиси половина од температурата која била забележана во саботата.

Сепак, за научниците оваа рекордна температура не е најзагрижувачко прашање.

Поголемиот проблем е што во Сибир со месеци имаше температури повисоки од нормалата, како што неодамна соопшти Службата за климатски промени при европската мрежа „Коперникус“.

Овој топлински бран, засенет од пандемијата на Ковид-19, според Обединетите нации, е знак за забрзаните климатски промени.

- Секако дека е алармантен знак - вели Фреџа Вамборг, научник во „Коперникус“.

Таа додава дека ова не е изненадувачко затоа што глобалното затоплување флуктуира и поларните региони се подложни на побрзи промени за разлика од остатокот од светот, но она што е необично е што се задржало време потопло од просечните аномалии.

Некои од последиците беа рано топење на некои од реките во регионот, дури две или три недели порано од нормалното. Овие настани на топење може да имаат катастрофални последици.

Топењето на пермафростот е особено тежок предизвик за Русија, која изгради многу градови и инфраструктура за нафта и гас на замрзната површина што во тоа време се сметаше за стабилна.

Како што климатските промени предизвикуваат топење на пермафростот, се испуштаат и стакленички гасови, главно метан, кој, пак, го храни забрзувањето на климатските промени.

Податоците на „Коперникус“ и на НАСА посочуваат дека периодот од декември до мај бил најтоплиот забележан во регионот во историска серија која датира назад до 1880 година.

Друга последица на овие екстремни температури е ширењето на пожарите во овие зафрлени области. Последните податоци на Службата за атмосферски следења на „Коперникус“ покажуваат дека радијацијата емитувана од пожарите е многу повисока од вообичаениот просек за ова време од годината.

Радијација од пожари во Сибир за 2020 (црвено), 2019 (жолто) и историски просек (сиво)
Фото: Euronews

Ако овој тренд продолжи, 2020 година ќе биде забележана како годината со најлоши пожари во регионот. Емисиите во јуни веќе ги надминаа оние од 2019 година, според она што го напиша на „Твитер“ научникот Марк Парингтон.

Чадот од пожарите зафаќа стотици километри, како што може да се види на сателитските снимки, а според некои процени тоа не се помалку од 1.500 километри.

Минатата сезона веќе беше одбележана од невиден бран на пожари во Сибир, но тие не почнаа толку рано и не гореа толку интензивно.

Некои од овие пожари се навистина спектакуларни, како што може да се види на фотографијата подолу. Оваа мапа прикажува должина од околу 37 километри.

Фото: Euronews

Високите температури во арктичкиот круг не се ограничени само на Сибир, иако таму беа најекстремни со месеци. Североисточна Канада и Скандинавија исто така се соочуваат со исклучително топла доцна пролет и рано лето, а првите големи пожари веќе почнуваат да се шират.

Според метеоролошките модели, овие исклучителни жештини во Сибир ќе бидат присутни најмалку во текот на следните две недели.

Оваа ситуација исто така предизвикува и забрзано топење на Северниот Леден Океан, кој се граничи со Сибир.


Извор и насловна фотографија: Euronews
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука