X
 24.07.2019 Технологија

Наскоро може да патуваме без пасош - еве како

Иднината на воздушниот сообраќај е без документи. Или ќе биде, под иницијатива воведена од Светскиот економски форум.

Програмата наречена „Дигитален идентитет на познат патник“ ќе им овозможи на луѓето да летаат без документи меѓу меѓународни дестинации. Тестирањето на програмата е во тек, а патниците што се пријавиле за учество во пилот-проектот ќе може да патуваат меѓу Канада и Холандија, користејќи го само нивниот мобилен телефон наместо пасош.

На глобално ниво, системот за воздушен сообраќај е под притисок, како што бројот на растечки патници го надминува капацитетот на аеродромите. Оваа програма има за цел да го забрза протокот на патници низ аеродромите и да го намали ризикот од прекугранична измама поврзана со идентитетот.

- До 2030 година, се очекува воздушниот сообраќај да го користат 1,8 милијарди патници. Според денешните системи, аеродромите не можат да одржуваат чекор со овој раст. Овој проект нуди решение. Со користење на интероперабилен дигитален идентитет и други технологии, на патниците им се нуди холистички одговор за сигурно и беспрекорно патување, што ќе ја формира иднината на воздухопловството и безбедноста - вели Кристоф Волф, шеф на мобилност на Светскиот економски форум.

На патниците кои пристигнуваат на аеродромите веќе ќе им бидат зачувани податоците од нивниот идентитет на мобилните телефони.

Релевантните информации се испраќаат до авиокомпаниите, пограничните власти, пред патниците да стигнат до аеродромот. Потребна е индивидуална согласност секој пат кога се испраќаат податоци, со што на патниците им се дава поголема контрола врз нивните лични податоци од постоечкиот систем за пасоши.

Користејќи ја биометриската технологија, како што се отпечатоци од прст или препознавање на лице, патниците ќе можат да патуваат без документи.

Испитувањата на програмата ќе се извршуваат во текот на 2019 година, со што првото дигитално документирано патување ќе биде во 2020 година. Забрзувањето на протокот на патници низ светските аеродроми би можело да го намали притисокот врз индустријата која се соочува со брз раст.

Се очекува бројот на меѓународни туристички пристигнувања да го достигне врвот во текот на наредната деценија. Растот ќе биде најсилен во новите економии на Азија, Латинска Америка, Африка и на Блискиот Исток, со што ќе имаат 57 отсто од учеството од сите меѓународни пристигнувања во 2030 година.

Програмата може да ѝ помогне на авионската индустрија да се справи со ова зголемување на бројот на патници. Но, усвојувањето на ваквиот вид на патување на глобално ниво нема да биде без предизвици. Успехот ќе се потпира врз соработката меѓу светските влади, провајдерите на технологии, авио-индустријата, граничните власти со цел да се воспостават стандарди за глобална безбедност и заштита на податоците на сите засегнати страни.

Пилот-програмата претставува уникатен напор за соработка меѓу Канада и Холандија, а може да стане модел што другите ќе го следат и модел што ќе го промени начинот на кој функционира воздушниот сообраќај.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија