X
 24.09.2021 Живот

Хиперсензитивност и алергија на храна

Преосетливост или хиперсензитивност на храна се однесува на сите несакани реакции при јадење на одредена храна (или адитив на храна). Алергија на храна е специфична реакција која е резултат на пореметен имунолошки одговор по јадење на определена храна.

Дали ќе се јави алергија на храна и во каков облик, најчесто зависи од повеќе причини и тоа: генетските фактори, возраста, видот на храната. Генетските фактори, тврдат научниците, играат важна улога во појавата на преосетливост или алергија на храна. Податоците укажуваат дека 65% од децата добиваат некој вид на алергија со храна кога и двата родители се алергични, додека кај 35% ако едниот родител има алергија. Алергијата на храна кај децата полесно се открива, така што се добива впечаток дека ја има почесто кај децата отколку кај возрасните. Секоја храна под одредени услови може да делува како алерген, но некои прехранбени продукти се многу често причина за алергија како на пример: зрнеста храна, брашно, млеко, јајца, компир, месо, домати, чоколада, риба, јагоди, малини, кикирики.

Иако е тешко да се биде сигурен околу статусот на сите реакции на храна, од голема помош е да се дискутираат симптомите и синдромите предизвикани од абнормални реакции на храна кои можат да се групираат во 4 групи и тоа:
1. состојби предизвикани од алергија на храна
2. состојби поврзани со алергија на храна
3. состојби кај кои алергијата на храна е под сомнение
4. состојби предизвикани од неалергиска хиперсензитивност на храна

Алергија на храна има (може да води кон) широк опсег на симптоми, што делува на многу делови на телото - особено гастроинтестиналниот тракт (уста и желудник), респираторниот тракт (бели дробови, нос и грло) и кожа. Сите овие симптоми може, исто така, да бидат предизвикани од алергиски реакции што не се поврзани со храна и повеќе од нив може да се јавуваат и од други неалергиски причини.

Целијакија е вродено гастроентеролошко автоимуно заболување кое се карактеризира со осетливост на храна која содржи глутен и спаѓа во групата на состојби поврзани со алергија на храна. Глутенот (ланец на протеини), го има во пченицата, јачменот, овесот и ‘ржта, како и во производите подготвени со нив. Го нема во пченката и оризот. Доколку со храната се внесе глутен, дури и во минимални количини, храната едноставно не се задржува во организмот туку по пат на течни и обилни столици се исфрла, така што ништо од хранливите материи не се задржува во организмот. Имуниот систем на организмот има силна реакција на глутенот и таквата реакција предизвикува оштетување на ресичките на тенкото црево, па ресорпцијата на хранливите материи е оневозможена. Со тек на време лигавицата на цревата станува рамна со редуцирана зона преку која се апсорбираат нутритивните материи. Исто така, воспалителните промени кои се јавуваат под површината на лигавицата придонесуваат за оваа оштетување и на крај има и целосно нарушување на функцијата на цревата. Болеста најчесто се регистрира кај деца. Клиничките карактеристики на болеста генерално се поради малапсорпција на важните нутритивни материи (јагленохидрати, белковини, масти, минерали и витамини). Симптомите се: повраќање, долготрајни проливи, чести и обилни масни столици, губење на тежината, слабеење, слаба мускулна маса, губење на апетит, надуеност на стомакот, анемија, омекнување на коските и друго.
За да се утврди дали некој го има ова заболување се прави анализа на крвта за антитела на глутен, ткивна трансглутаминаза и утврдување на генетска предиспозиција со што може да се добие 80% потврда на дијагнозата. За 100% потврда на дијагнозата потребно е да се направи биопсија од слузницата на тенкото црево. Раната дијагноза може да придонесе за спречување на развојот на болеста со примена на строга безглутенска диета во текот на целиот живот. На тој начин состојбата потполно се нормализира.

Од другите состојби кои вреди да се спомнат се состојби предизвикани од неалергиска хиперсензитивност на храна и тука спаѓа интолеранцијата на лактоза. Индивидуи кај кои се јавува интолеранција на лактоза, не се во состојба да дигестираат (сварат) значајни количини на лактоза, доминантниот шеќер во кравјото млеко. Причината за таквата состојба е недостаток на потребниот ензим лактаза кој нормално се создава во лигавицата на тенкото црево и учествува во дигестијата на овој млечен шеќер. Лактазата ја разложува лактозата на глукоза и галактоза, за да може да се апсорбираат во крвта. Кога постои недостаток на лактаза, лактозата останува во цревата, каде се ферментира од бактериите, создавајќи гасови, вклучувајќи јаглероден диоксид и
метан. Кај индивидуи со интолеранција на лактоза може да се манифестира гадење, грчеви во стомакот, надуеност, гасови и проливи после јадење или пиење храни што содржат лактоза. Дефицит на лактаза може да се јави и како обично наследно нарушување. Преваленцата варира секаде во светот и различни интестинални болести може да ја влошат состојбата. Како и да е, не постои евиденција дека алергијата на храна игра некоја улога кај оваа состојба. Интолеранцијата на лактоза е пример на интолеранција на храна заради едно метаболно нарушување, но не алергија на храна. Понекогаш се прави забуна помеѓу интолеранција на лактоза и алергија на кравјо млеко. Алергијата на млеко е реакција на имуниот систем на телото на еден или повеќе млечни протеини, а симптомите се јавуваат и кога само многу мала количина на млеко ќе се консумира. Алергија на млеко се јавува најчесто во првата година од животот, додека интолеранција на лактоза е почеста кај возрасните. Се препорачува на луѓето кои имаат интолеранција на лактоза да избираат млечни производи со помала содржина на лактоза од свежото млеко, како што се јогурт и тврди сирења. Јогуртот направен со активни живи бактериски култури, е добар извор на калциум кај многу луѓе со интолеранција на лактоза.

Се смета дека за појава на алергиите на храна големо влијание има исхраната на мајката во време на бременоста и во периодот на доењето. Постојат сознанија дека има позитивна корелација помеѓу појавата на алергиската болест кај деца чии мајки земале високо калорична и мрсна храна и мал внес на овошје и зеленчук (помалку од три порции неделно). Одредени студии го истражувале ефектот на доењето за појавата на алергии на храна кои покажале дека најмалку 12 недели ексклузивно доење заштитува од алергиски заболувања и тој ефект е поголем дури и од постоење на фамилијарна историја за атопична болест.
Ако мајката од оправдани причини не може да го дои детето потребно е да се
препорача адаптирано млеко за исхраната на доенчето, кое ги задоволува сите негови потреби за правилен раст и развој (доенечка формула). Кравјо млеко не треба да се користи пред полна една година на детето. На тој начин се намалуваат алергиските манифестации и егзем. Постепеното внесување на храна кај доенчето треба да биде по шестиот месец бидејќи тогаш на детето му е потребна и дополнителна храна покрај мајчиното млеко, заради интензивниот раст и развој во тој период. Исто така и дигестивниот систем е спремен да прифати храна која може да ја обработи. Дополнителната исхрана треба да отпочне со додавање на една до две намирници неделно и тоа: овошје и зеленчук и житарици без глутен, потоа постепено се додава и друга храна. Треба да се забрани давање на кравјо млеко и белка од јајце до една година, кикирики и јаткасти плодови до три години, јагоди и малини после една година, но исто така да се внимава ако има фамилијарна анамнеза на алергија на одредена храна, таа храна да се даде што подоцна од вообичаениот календар на воведување на дополнителната храна кај доенчето.


Д-р Александра Игнатова, спец. педијатар
ПЗУ Сани-мед - Кочани

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот