X
 24.09.2022 Наша тема

„За промоција на новите артисти, најважна е медиумската поддршка“, вели младата пејачка Тијана Периќ

Факултети.мк ги поддржува и промовира младите талентирани и креативни луѓе и со објава на содржина посветена на нивните активности. Да им помогнеме да го добијат заслуженото место во земјава и во светот. Ги охрабруваме сите млади таленти да се обратат во нашата редакција за да можеме да го покажеме нивниот труд пред пошироката јавност.

Минатата година младата пејачка Тијана Периќ од Скопје ѝ се за претстави на македонската јавност со својата песна „Писмо“. Оваа година, покрај многубројните настапи, таа го објави и своето ново музичко дело „Сонувам“ со навистина уникатен спот.

- Студирам на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а откако знам за себе, мојот живот е исполнет со музика. Започнав во нижото музичко училиште каде што бев цели 7 години, потоа во средното музичко училиште ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ и сега на Факултетот за музичка уметност каде што сум втора година. Музиката не ја делам и имам почит кон секој жанр затоа што секој си е приказна за себе, меѓутоа, јас лично преферирам и сакам најмногу да слушам класика, поп, рок, џез и екс-ју музика - вели Тијана.



Досега има објавено две песни - „Писмо“ и „Сонувам“ во соработка со пејачот Ѓорѓи Крстевски, како автор на музиката, аранжманот, текстот и видеозаписот. Тие се истакнуваат по инструменталните делови, поради што траат и подолго од вообичаено.

- Досега имам две авторски песни, мојата прва песна „Писмо“ и мојата неодамна објавена втора песна - „Сонувам“. Двете имаат нешто посебно во себе. „Писмо“ по форма е класична песна, но она што е специфично за неа е што трае 8,5 минути и по завршувањето на пеењето има цел инструментален дел, што е нешто невообичаено и многу луѓе ми кажаа дека такво нешто немаат сретнато на македонската сцена. „Сонувам“, пак, е песна која нема класична форма и тоа е првото специфично нешто за неа, а другото е спотот - затоа што тоа е една уникатна приказна нацртана со песок за која е заслужна Русинката Ана Стрелкова. Оваа идеја беше на Ѓорѓи и воедно тој сакал да ја искористи во спот за себе, меѓутоа, многу сум благодарна што препозна дека таков спот совршено би се споил со нашата песна и несебично ми ја предложи идејата и ја искористи за „Сонувам“, која навистина излезе едно прекрасно, поинакво, уметничко музичко парче и секој ден добивам пофалби од луѓето - сподели младата пејачка.

Тијана има одржано голем број концерти на клавир во рамките на средното музичко училиште и надвор од него.

- Сум имала многу настапи досега, концерти со клавирот, хуманитарни концерти, соло-концерти со пеење, настапи со хор и слично, меѓутоа, би можела да ги издвојам последните настапи со клавирот во средното музичко училиште затоа што се чувствував зрела и додека свирев и настапував го употребив во практика она што сум го учела изминатите години. На тие настапи чувствував некоја посебна енергија што не може да се опише со зборови, а за тоа придонесе и тоа што свирев дела кои бараа многу труд и време за да се изведат. Морам да ја искористам оваа пригода да ја поздравам и пофалам професорката Дилек Реџеп зашто таа е заслужна за она што сум денес во поглед на музиката и поконкретно клавирот - изјави Тијана.


Младата пејачка ни сподели дека цел ѝ е да биде успешна во музиката што ја создава и да допре до срцата на слушателите.

- Мојот мотив е секогаш да успеам да допрам до луѓето со музиката што ја правам и изведувам. Да успеам во тоа да има луѓе кои ќе ги препознаат трудот и квалитетот во моите песни и ќе ги слушаат со задоволство, препознавајќи ја скриената магија во нив. А воедно и со музиката што ја изведувам на клавирот да можам да измамам некоја искрена насмевка и среќа на нивните лица. Освен ова, секако се стремам успешно да го завршам Факултетот за музичка уметност и понатаму да редам успеси и на тоа поле, продолжувајќи го образованието - вели таа.

Тијана зборува и за проблемите на новите артисти, поточно дали македонската сцена нуди доволно можности за новите артисти и кои би биле соодветните решенија за пробивање на сцената.

- Од една страна, сметам дека нуди можности затоа што сме сведоци дека постојано се појавуваат нови имиња на македонската сцена, меѓутоа, од друга страна, постојат и тешкотии поради тоа што за да се направи една квалитетна песна и спот, потребни се финансиски средства што не секој може да си ги дозволи, а потешко се наоѓаат спонзорства. И трет момент, по сето она што ќе го вложиш за да направиш што повеќе песни и да ги пласираш на сцената, треба да помине многу време за да добиеш финансиски фидбек. Исто така, би додала дека нашите медиуми, повеќето, многу малку пуштаат македонска музика во етер, што би требало да се промени. На младите најмногу им е потребна поддршката од медиумите, и печатени и електронски, а особено телевизијата затоа што е многу силен медиум. Исто така, важна е поддршката од спонзори/покровители кои би застанале зад секој млад талент.

Профилот на Тијана Периќ на Инстаграм.

„Писмо“



„Сонувам“


Подготвил: Јована Трајковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема