X
 24.12.2020 Наука

Што ни донесе 2020 година во науката и технологијата?

Годината што поминува ќе остане запаметена по пандемијата која однесе речиси 1,7 милион животи низ целиот свет. Сепак, на крајот од оваа година се чувствува оптимизам поради вакцината против коронавирусот, која претставува вистинско научно достигнување. Еве шест големи научно-технолошки достигнувања во 2020 година.

Првата вакцина против коронавирусот

На 31 декември 2019 година, Кина ја извести Светската здравствена организација (СЗО) за појавувањето на мистериозна респираторна болест, која подоцна беше наречена Ковид-19, во градот Вухан. Научниците почнаа да работат на вакцина уште во јануари, кога кинеските научници објавија мапа на геномот на коронавирусот што ја предизвикува болеста.

Обично развивањето нова вакцина трае околу 10 години, но поради пандемијата, немавме толку време. Првите клинички испитувања на луѓе почнаа во март, а сега се тестираат дури 67 вакцини, од кои 17 се во последната фаза на клиничките испитувања. Вакцините изработени од „Фајзер“ и „Бајонтек“ и онаа на „Модерна“ веќе се одобрени во некои земји и се во употреба.


Фото: Pixabay

Први летови на леталото „Кру драгон“ со човечки екипаж

Астронаутите Даг Харли и Боб Бенкен од НАСА влегоа во историјата на 31 мај кога станаа првите луѓе што слетаа на Меѓународната вселенска станица со леталото „Кру драгон“ на компанијата „Спејс-Екс“, во сопственост на Илон Маск.

Тоа било првиот лет на астронаути на Меѓународната вселенска станица со американско летало во последните 9 години. Од 2011 година астронаутите стигнуваа до Меѓународната вселенска станица исклучиво со вселенската ракета „Сојуз“ од космодромот во Казахстан.

Мисијата во која учествуваа Харли и Бенкен била и прва до Меѓународната вселенска станица со ракета во сопственост на приватна компанија. Леталото „Кру драгон“ е модифицирана верзија на капсулата „Драгон“, со која „Спејс-Екс“ со години носи пратки до Меѓународната вселенска станица.

На 15 ноември ракетата „Фалкон 9“ повторно го лансира леталото „Кру драгон“ со четири астронаути кои ќе останат на Меѓународната вселенска станица 6 месеци.

Три земји испратија вселенски летала на Марс

Во текот на летото дури три мисии се упатиле кон Марс. Леталото „Надеж“, односно „Ал амал“, е првата меѓупланетарна мисија на арапскиот свет. Станува збор за орбитер испратен од Обединетите Арапски Емирати, а кој на Марс ќе стигне пролетта 2021 година.

„Тјанвен 1“ (што во превод значи „Прашања до небото“), е првото кинеско вселенско летало лансирано кон некоја планета. Во рамките на мисијата Кина направила орбитер, слетувач и ровер, кој има радар за барање вода под површината.

На крајот, НАСА го испрати роверот „Персевиренс“, кој е опремен со 23 камери, а има и два микрофона, така што првпат ќе слушнеме звуци од разредената атмосфера на Марс. Роверот ќе бара траги од можен живот на Марс во минатото.

На Венера откриен гас во кој може да има живи организми

Во атмосферата на Венера има траги од фосфин, гас кој на Земјата се поврзува со постоењето на живи организми, објавија британски научници во септември во списанието „Нејчр астрономи“. Условите на Венера често се опишуваат како пеколни бидејќи дневната температура е доволно висока за да стопи олово, а атмосферата е речиси целосно составена од јаглероден диоксид.

Сепак, и покрај откритието на научниците, фосфинот не е доказ за живот, но необјаснива хемија го создава овој гас кој природно се уништува во киселите облаци на Венера.


Фото: Pixabay

Решена е мистеријата за Стоунхенџ

Со векови експертите се обидувале да го утврдат географското потекло на камењата користени за изградбата на Стоунхенџ пред илјадници години. Ова лето тимот на Дејвид Неш од Универзитетот на Брајтон го открил местото од каде што потекнуваат 50 од вкупно 52 големи камени блокови. Анализирајќи го хемискиот состав, научниците заклучиле дека тие потекнуваат од Вест Вудс, 25 километри северно од Стоунхенџ. Останува мистерија како овие камени блокови биле преместени до сегашната локација.

Да не заборавиме на климатските промени

Во секое зло има и добро, па така оваа година емисиите на јаглероден диоксид низ светот се намалиле за 7% во споредба со 2019 година. Тоа е најголемо намалување на испуштањето на гасовите од Втората светска војна, а е последица на намаленото производство во фабриките, кои испуштаат штетни гасови.

Емитираната количина се намалила за 2,4 милијарди тони на сегашното ниво од 34 милијарди тони јаглероден диоксид. Податоците покажуваат дека падот на емисиите е особено изразен во САД (12%) и во ЕУ (11%).

Меѓутоа, глобалното затоплување е долгорочен процес и нема да се реши толку брзо. Температурата ќе продолжи да расте дури и ако целосно запрат емисиите на јаглероден диоксид.

Автор: Тања Рудеж
Извор: jutarnji.hr
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука