X
 25.01.2019 Економија

На што ги трошат парите богатите и ултрабогатите луѓе?

Што го привлекува вниманието на најбогатите луѓе во светот? Кои се тие и од каде доаѓаат нивните пари? Бројот на богатите поединци и нивното колективно богатство порасна за околу 2 отсто минатата година, според новиот извештај на „Велт-Екс“, компанија што го следи глобалното богатство. Во 2018 година имало индивидуалци со 23 милиони висока нето-вредност на глобално ниво, со комбинирана нето-вредност од 62 билиони долари.

Повеќето од нив сами го создале богатството и живеат во САД, од каде што се и 40 отсто од богатото население во светот.

Дури и меѓу богатите постојат категории на богатство: постои висока нето-вредност и ултрависока нето-вредност. „Велт-Екс“ ги следи индивидуалците со висока нето-вредност или луѓето што имаат нето-вредност помеѓу 1 и 30 милиони долари. Повеќето се наоѓаат на дното, со речиси 90 отсто од високата нето-вредност на индивидуалецот меѓу 1 и 5 милиони долари.

Индивидуалците со ултрависока нето-вредност се сметаат оние што вредат повеќе од 30 милиони долари.

На што ги трошат парите?

Најбогатите луѓе во светот даваат многу пари. Филантропското донирање е една од основните цели на богатите, особено меѓу ултрабогатите - 36 отсто од богатите и 57 отсто од супербогатите даваат пари во добротворни цели како еден од нивните главни интереси.

За најголем број поединци со висока нето-вредност, донирањето е приоритет. По завршувањето на светската финансиска криза, филантропското донирање и тоа како закрепна. Сепак, како дел од нето-вредноста, богатите даваат далеку помалку од луѓето со повеќе ограничени средства, покажува извештајот.

Минатата година ултрабогатите дале неколку мегаподароци од висок профил. На пример, Џеф и Мекензи Безос му донирале 2 милијарди долари на фондот „Деј Уан“ за помош на бездомниците, а Мајкл Блумберг му донирал 1,8 милијарда долари на Универзитетот „Џон Хопкинс“, како финансиска помош.

За најбогатите Американци, донирањето може забавило поради економските проблеми и влијанието на Законот за даноци и работа за 2017 година.

Најпопуларните добротворни каузи меѓу богатите минатата година беа оние што ги поддржуваат образованието, социјалните услуги, уметноста и културата и здравјето.

Но, донирањето доаѓа на второ место меѓу страстите, интересите и хобијата на најбогатите луѓе во светот. По филантропското донирање, богатите се интересираат за финансии, па спорт и престојот во природа, вели „Велт-Екс“. Омилен спорт е голфот, а потоа се фудбалот, скијањето, кошарката и бејзбол. Истражувачите истакнуваат дека овие спортови го одразуваат влијанието што САД го имаат врз светската популација со висока нето-вредност.

Интересите за семејство, политика, животни и јазици се наоѓаат на последните места од топ-20.

Кои се најбогатите луѓе?

Најбогатите луѓе и понатаму се мажи. Само 16 отсто од индивидуалците со висока нето-вредност се жени. Од индивидуалците со ултрависока нето-вредност, само 14 отсто се жени.

Нешто повеќе од 40 отсто живеат во Северна Америка, додека една четвртина живеат во Европа и уште една четвртина во Азија. САД имаат најмногу луѓе со висока нето-вредност, а потоа се Кина, Јапонија, Германија и Обединетото Кралство. Првите 10 земји опфаќаат три четвртини од глобалната популација со висока нето-вредност.

Во Њујорк живеат најголем број луѓе со висока нето-вредност во светот, иако бројот се намалил за околу половина процент во 2018 година. Сепак, со индивидуалци со помалку од еден милион нето-вредност, богатата популација на Њујорк е 65 отсто поголема отколку во Токио, градот што е втор на листата според богата популација.

Хонг Конг има најголема популација на ултрабогати жители, станувајќи првиот град што има повеќе од 10.000 ултрабогати поединци. Но, населението со висока нето-вредност во Хонг Конг се намали за повеќе од 11 отсто во 2018 година, делумно како резултат на тоа што пазарите во Хонг Конг и во Кина негативно реагирале на трговската несигурност меѓу САД и Кина.

Земјите со најголем очекуван раст на поединци со висока нето-вредност во наредните пет години се Нигерија, Египет, Бангладеш и Виетнам.

Како овие индивидуалци ги создале нивните пари?


Само мал процент од богатите луѓе во светот ги наследиле своите пари. Мнозинството самостојно го создале богатството.

Речиси 84 отсто од поединците со висока нето-вредност сами го создале богатството. Само 5 отсто целосно ги наследиле парите и околу 12 отсто имале комбинирано богатство - и наследено и самостојно заработено.

Голем процент од ултрабогатите го наследиле своето богатство, 30 отсто добиле цело или дел од богатството преку наследство, а 70 отсто го создале богатството.

Во извештајот се истакнува дека додека нееднаквоста се зголемила во последниве децении, во текот на изминатите неколку века наследеното богатство опаднало, а пропорцијата на богатите поединци чие богатство било самостојно заработено продолжува да се зголемува.

Помеѓу индустриите во кои работат најбогатите, финансиите, бизнисот и инвестициите се нашле на прво место, а потоа производство, технологија, деловни услуги и градежништво.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија