X
 25.01.2019 Живот

Зошто на железничките станици во Јапонија има сини светилки?

Во 2013 година бил објавен научен труд што станал семе за илјадници вирални вести и постови на социјалните медиуми. Заклучокот бил зачудувачки: сините светилки на железничките станици спречиле самоубиства на тие локации, а научниците дури и покажале дека самоубиствата опаднале за 84 отсто.

Оттогаш идејата била прифатена, инспирирајќи слични проекти во многу други земји. Но, како и многу интересни, но сложени научни приказни, некои од деталите малку биле изобличени.

Сѐ почнало на крајот од 2000 година кога голем број јапонски железнички компании почнале да инсталираат сини светилки над платформите на железничката станица. Ова било обид да ги одвратат луѓето од самоубиство на такви места. Оваа техника е начин да се влијае врз однесувањето и суптилно може да има изненадувачки големи влијанија.

Во едно истражување, луѓето што доживеале психолошки стрес побрзо се вратиле во состојба на релаксација кога лежеле во просторија со сини светилки. Идејата била дека сините светилки може да имаат влијание врз состојбата на умот на луѓето. Едно истражување од 2017 година ја поддржало оваа идеја; покажало дека луѓето што доживеале психолошки стрес се вратиле побрзо во состојба на релаксација кога лежеле во соба со сини светилки.

Мичико Уеда од Универзитетот „Васеда“ слушнала за експериментот на железничките компании и ѝ било кажано дека светилките се покажале како успешни. Уеда проучувала голем број фактори што можеле да влијаат врз стапката на самоубиства во Јапонија - од економија до природни катастрофи, па дури и дискусијата за самоубиствата на познатите на „Твитер“. Но таа вели дека била скептична за тврдењата на железничките компании.

- Мислев дека треба да провериме, па одлучив да ја контактирам железничката компанија и да прашам дали може да ми дадат податоци - објаснува таа.

По анализирањето на податоци собирани 10 години поврзани со самоубиствата од 71 јапонска железничка станица, Уеда и нејзините колеги откриле дека постојат докази за ефектот врз патниците. Тие забележале намалување од 84 отсто.

Но, тоа не е целата приказна. Кога биле објавени извештаи за наодите, Масао Ичикава од Универзитетот во Цукуба уште еднаш ги анализирал податоците. Тој истакнал дека е важно да се направи разлика помеѓу податоците собрани во текот на денот и ноќта на отворени железнички станици. Во текот на денот, светилките може лесно да се пропуштат, па дури и да бидат исклучени. Исто така, Ичикава ја разгледал мерката позната како „интервал на доверба“.

Статистичките анализи секогаш носат вродена несигурност околу одреден резултат - како што е големината на овој ефект - и интервалот на доверба го изразува можниот опсег на тие вредности. Ичикава забележал дека довербата во трудот на Уеда била исклучително широка: 14-97 отсто.
- Статистички многу нестабилно - вели тој. Ова значи дека вистинскиот ефект би можел да биде толку низок како намалување од 14 отсто - значајна промена, но не исто голем колку што било сугерирано од медиумската покриеност.

Тој се надевал дека неговиот труд, објавен како одговор наредната година, ќе осигури дека луѓето нема да почнат да размислуваат дека сините светилки биле чудо и дека некако имале извонреден ефект врз луѓето што размислувале за самоубиство.

Инсталацијата на заштитни бариери и врати по рабовите на платформите би можела да биде многу поефективна, вели Икивава. Сепак, тој вели дека тоа чини многу повеќе од сините светилки.

Од објавувањето на нејзиниот труд, Уеда е изненадена од бројот на испитувања што ги добива од железничките фирми низ светот, вклучувајќи ги и Швајцарија, Белгија и Велика Британија.

- Неверојатно е. Веќе постојат најмалку два примерока за инсталации на сини светилки во Велика Британија и еден во Шкотска, а постојат и такви светилки на железничката станица во Гетвик - вели таа.

Но, таа не е поборник за овие светилки. - Кога и да ме прашаат дали треба да инсталираат сини светилки или врати на платформата, јас секогаш сум за вратите - вели таа.

Уеда сега спроведува ново истражување за мерење на психолошкото влијание од сините светилки, но веќе има спротивставени резултати во однос на другите тимови.

Истражување од 2017 година потврдува дека сините светилки може да смират, но Стефан Вестланд, експерт за боја и дизајн на Универзитетот во Лидс, вели дека светилки не би можеле да влијаат врз друг важен фактор - нечија импулсивност.


Фото: BBC


Експериментите спроведени од неговиот поранешен докторанд Николас Циконе откриле дека иако учесниците известиле дека се чувствувале помалку или повеќе импулсивни, во зависност од бојата на светилките што ја осветлувале просторијата во која биле, однесувањето и невролошките мерења не посочувале подлабок ефект.

- Не добивме никакви докази со кои би можел искрено да кажам дека сините или црвените светилки го прават човек поимпулсивен - објаснува Вестланд.

Сето ова не е за да се прекорат луѓето што се надеваат дека ова може да е иновативниот начин за справување на проблемот со самоубиствата во Јапонија. На крајот на краиштата, оваа нација е меѓу првите 20 во светот во поглед на стапката на самоубиства - проблем со кој многу луѓе сериозно се бореле и се обидуваат да закрепнат.

Вкупниот број на самоубиства падна во последниве години, на 21.000 во 2017 година од 34.500 во 2003 година, но бројот се зголемува меѓу младите луѓе. Сините светилки можеби имаат ефект врз луѓето што размислуваат за самоубиство, но до денес науката не дава целосни резултати.

Како што вели Уеда: - Не сакам луѓето да мислат дека сините светилки се решение.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот