X
 25.01.2022 Издвојуваме

Образованието e просечно и не е државен приоритет, а науката речиси ја нема, смета професорот Атанасов

Многу министерски промени, лоши закони, немотивирани наставници, за 30 години го изгубивме и тоа што претходно беше создадено, смета професорот Петар Атанасов
- Потребно е инвестирање во науката од страна на државата затоа што во регионот и во Европа сме на најниско ниво, смета професорот Горан Ајдински.


Каде е денеска македонското образование? Што е она што го отежнува неговиот развој? Остана ли нешто што може да се направи за да се подобри системот кој е главен општествен столб? По повод Меѓународниот ден на образованието (24 Јануари), Факултети.мк на оваа тема поразговара со универзитетски професори.

Проф. д-р Петар Атанасов, универзитетски професор, познавач на состојбите во образованието и поранешен заменик-министер за образование и наука, смета дека нашето образование е меѓу послабите модели на образование, дури и во регионот.

- Резултатите се мерат од ОЕЦД, особено преку меѓународните тестирања. Фактори за оваа состојба има многу. Причините за слабото образование треба да се бараат во сите сфери: лоши закони, премногу министерски промени, неекипирани образовни институции со кадри, немотивирани и просечни наставници, погрешна филозофија на образовниот модел. Но, главна причина е немањето контрола на квалитет на луѓето што влегуваат или се вработуваат во образовниот систем - вели Атанасов.

Од друга страна, според него, образованието има исто просечни кадри како и во сите други сектори во државата.

- Ние за 30 години го изгубивме и тоа што претходно беше создадено во еден друг систем. Сепак, за оваа Влада одамна е јасно дека ниту нешто ќе направи во образованието ниту го разбира образованието. Едноставно, образованието не ѝ е приоритет. Во сите учебници и теории за развој се тврди дека ако човекот е најголемиот капитал, тогаш јасно е дека клучот за ова е во образованието - додава тој.



Високото образование е просечно, а наука речиси нема

Атанасов учествувал во едно истражување за квалитетот на високото образование за време на пандемијата, кое било објавено пред 2-3 месеци. Во последниве 20 години кај нас, како што вели, повеќе внимание се обрнува на квантитетот на високото образование отколку на неговиот квалитет.

- Податоците што се добиени покажуваат дека нашето високо образование е просечно, а дека науката речиси ја нема. Посебно беа мерени сите елементи на наставниот процес во високото образование. Речиси во сите елементи има голем пад на квалитетот, особено вежбите, присуството на предавања, праксата, слабата комуникација со професорите, усвоеното знаење, мотивираноста и кај наставниците и кај студентите. Препораката од истражувањето беше дека во овој момент во високото образование мора да се обезбеди барем 50% физичко присуство на студентите, инаку образованието тешко ќе се врати дури и на онаа просечност што претходно постоеше. Тука би го додал како важен елемент и погрешното финансирање и лошата искористеност на финансиите што ги одвојува државата. Очекувам Националниот совет во високото образование да понуди подобри модели и критериуми како за финансирањето така и за квалитетот - додава тој.

Да се намалат корупцијата и клиентелизмот


Според него, дека многу работи не чинат, доказ е емиграцијата на луѓе од државата, а за да ни тргне на подобро, потребно е да се направат измени и да се интервенира во многу механизми во политичкиот модел на државата.

- Мора да се отстранат сите моменти што директно влијаат врз неразвојот, особено да се намали влијанието на корупцијата и клиентелизмот. Мора да се менуваат навиките во политиката да се „тргува“ со влијанија, да се уништат обидите за концентрација на моќта, да се менува начинот на кој се спроведуваат изборите (можеби преку отворени листи или преку мнозински модел да се избираат барем дел од пратениците), но уште повеќе треба да се промени моделот на формирање Влада, да се смени системот во кој победникот зема сè (да се формираат влади по принцип на голема коалиција). Сите да преземат одговорност во практицирањето на власта. Бидејќи се докажа дека додека едните лошо владеат, другите цело време контрираат или уриваат. Ова е девастирачко и за државата и за општеството. Да се воведуваат креативни механизми за контрола на моќта на полуписмените и алчни политичари. Најважно е да се намали поларизираноста во општеството. Без промени во оваа насока нема да има ниту општествена интеграција ниту општествен развој - смета професорот.

Има ли перспектива?

Проф. д-р Горан Ајдински, поранешен декан на Филозофски факултет, смета дека македонското образование во моментов нема ниту развој ниту перспектива.



- Потребни се промени од корен уште од основното образование со приспособување на програмите за работа според можностите на учениците, како што тоа беше пред повеќе години. За мене е сепак клучно високото образование, кое треба да произведе, односно едуцира добри учители, правници, доктори, инженери. За да го постигнеме тоа, потребно е да го подигнеме квалитетот во високото образование - вели професорот.

За да се случи тоа, според него, потребно е итно да се вработи млад кадар од асистенти кои ќе истражуваат, пишуваат и ќе се занимаваат со наука.

- Со тоа ќе ги задржиме најдобрите во државата и ќе овозможиме развој на науката и истражувањата во секој поглед. Потребно е конечно големо инвестирање со финансиски средствата во науката од страна на државата, затоа што во регионот и во Европа сме на најниско ниво - смета Ајдински.
Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Издвојуваме