X
 25.03.2021 Живот

Како би изгледало ова лето? Еве што велат експертите

Годината што помина беше тешка и исцрпувачка, со едвај доволно време да земеме здив пред новите вести за Ковид-19 повторно да нѐ погодат. Но, се чини дека вакцината против Ковид-19 е силна алатка која помага во борбата против пандемијата.

Сепак, појавувањето на новите соеви на вирусот и понатаму предизвикува загриженост, особено затоа што се позаразни. Пред нас е неизвесен период, но со оглед на моменталната ситуација во светот, неколку експерти наведуваат што можеме да очекуваме во текот на летните месеци.

Како што повеќе луѓе ќе се вакцинираат, така ќе има помалку ограничувања

- Вакцините се нашиот излез од оваа пандемија - вели Дејвид Ароноф, директор на Одделот за заразни болести на Медицинскиот центар при Универзитетот „Вандербилт“.

Тимоти Брауер, професор по медицина и епидемиологија на Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес, додава дека како што луѓето ќе продолжат да се вакцинираат напролет и налето, тој очекува центрите за контрола и превенција на болести да олеснат некои од упатствата и ограничувањата.

2
Фото: Freepik

Како што сѐ повеќе луѓе ќе се вакцинираат и ќе бидат заштитени од тешка форма на Ковид-19 и смрт, можеме да очекуваме безбедно да извршуваме многу активности што сме ги пропуштиле во текот на изминатата година.

Собирите надвор веројатно ќе станат безбедна норма

- Сега знаеме за пренесувањето на Ковид-19 и дека активностите на отворено не се покажаа како значаен фактор за пренесување на вирусот - вели Брауер, осврнувајќи се на фактот дека опасноста од ширење на вирусот е мала во надворешна средина.

Брауер очекува да се зголемат собирите на отворено како безбеден начин за собирање на луѓето.

- Не сум сигурен дали наскоро ќе се вратиме на големите масовни собири на отворено, како што се спортските настани со полни стадиони, но мислам дека ќе има помали дружења на отворено - додава тој.

Но, експертите ја истакнуваат важноста да се биде претпазлив. И понатаму се смета за ризично невакцинираните луѓе да се собираат.

- Грижата е кога невакцинирани луѓе ќе се соберат. Но, ако сите возрасни се вакцинирани, мислам дека нема простор за грижа - вели Џенифер Нузо од Центарот за здравствена безбедност на „Џон Хопкинс“.

1
Фото: Freepik

Рестораните ќе се насочат на послужување надвор

Јадењето и пиењето надвор со соодветна дистанца и физички бариери ќе биде нешто што ќе почнат да го практикуваат многу ресторани.

- Мислам дека постои помала загриженост за тоа што луѓето прават на отворено - вели Брауер.

Плажите и базените ќе бидат релативно безбеден начин за уживање во топлото време

Кога станува збор за активности како посета на плажа или базен, луѓето треба да се чувствуваат пријатно и да не се загрижени.

- Голема предност на плажата е тоа што може да се ширите и да уживате во свежиот воздух и водата - објаснува Дејвид Ароноф. Секако, важно е да одржувате безбедно растојание сè додека не се имунизираат повеќе луѓе, додава тој.

Истото важи и за базените, иако кога станува збор за водените паркови, Ароноф повикува на внимание бидејќи познато е дека на тобоганите и на други активности во водениот парк се создава метеж. Во таквите околности не е можно да се придржувате до пропишаните епидемиолошки мерки, па ризикот од зараза е поголем.

Вакцинираните луѓе ќе можат да се собираат на затворено


Центарот за контрола и превенција на болести објави упатство за тоа што можат да прават вакцинираните луѓе откако ќе добијат и втора доза од вакцината.

Тие можат да се собираат во затворени простории, без маски или физичка дистанца, но со други вакцинирани луѓе. Исто така, вакцинираните можат да поминуваат време во затворен простор со невакцинирани лица со низок ризик од едно домаќинство.

patuvanje
Фото: Freepik

Бројот на патувањата ќе се зголеми, но тоа доаѓа со ризици

Аеродромите сега почнуваат да имаат зголемен сообраќај и веројатно ќе продолжи да се зголемува со доаѓањето на потоплото време и со вакцинирањето на поголем број луѓе.

Но, патувањето доаѓа со зголемен ризик за заразување, па најдобро е да останете дома додека пандемијата не се доведе под контрола. Експертите велат дека долгите патувања за одмори веројатно нема да се препорачуваат и ова лето и препорачуваат да се избегнува патувањето освен ако не е неопходно - дури и ако сте вакцинирани.

Некои области ќе достигнат колективен имунитет пред другите

Постигнувањето колективен имунитет е нешто што експертите за јавно здравје го користеа како репер уште од првите денови на пандемијата. Колективниот имунитет е постигнат кога 70 отсто од населението има развиени антитела или преку природна инфекција или преку вакцинација, со што ширењето на вирусот во заедницата ќе опадне.

Ќе се појават нови варијанти и преносот на Ковид-19 ќе продолжи


Секако, и понатаму постои стравот од нови варијанти, особено ако се поотпорни на вакцините. Ароноф вели дека експертите внимателно ги следат новите варијанти. Дополнително, се следи и ширењето на варијантите во невакцинираните области и тоа ќе продолжи и во текот на летото. Така, ќе видиме многу поголема подготвеност во споредба со минатата година.

Извор: Huffpost.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот