X
 25.04.2017 Култура

Марко Аврелиј: „Можеби животот нема да ти го даде тоа што го посакуваш, но ќе ти го даде тоа што ти треба“

Во 167 година Марко Аврелиј  ги напишал Медитациите, збирка записи што го одразуваат неговото темелно проучување и познавање на стоичката филозофија.

Аврелиј се смета за еден од најголемите застапници на филозофијата на стоицизмот, древна грчка и римска школа на мислата што води корени од периодот на античка Грција, а се занимава со негување на умот за поефикасно справување со различни настани или емоции.


Фото: Wikipedia

Медитациите се засноваат на една едноставна претпоставка:

„Имаш моќ над своите мисли – но не и врз надворешните случувања. Разбери го ова и ќе пронајдеш сила.“
Како последен во низот пет големи римски императори, Аврелиј владеел со Рим дваесет години сè до својата смрт во 180 година и е еден од најпочитуваните императори во историјата.

„Марко Аврелиј бил жив парадокс – император со неограничена моќ да ги контролира светот и околностите, но наспроти тоа со длабоко убедување дека среќата и мирот не се наоѓаат во надворешниот свет“, пишува Ариана Хафингтон во својата книга Процут (Thrive).

Медитациите  без никакво сомневање претставуваат една од најефикасните формули за надминување на секоја негативна ситуација на која можеме да наидеме во животот“, вели Рајан Холидеј во книгата Пречката е излез (The obstacle is the way).

Ако не сте ги прочитале Медитациите, ви ги пренесуваме петте најважни заклучоци до кои стигнал овој римски император:

1. Твојата среќа зависи од тебе.


Централна тема на неговата филозофија е идејата дека не можеме да го контролираме тоа што ни се случува, но можеме да ги контролираме нашите реакции на животните случувања – што нам ни дава неверојатна сила и слобода.

Животната среќа зависи од квалитетот на твоите мисли. Животот на Аврелиј е најдобар доказ за ова тврдење. Императорот се соочил со големи несреќи во животот; братот и родителите му уреле многу млади, а неговото царство постојано било на удар на војни и болести. Сеедно, Аврелиј научил како да живее во сопствената душа, односно во „внатрешната тврдина“, според него – местото на мирот и спокојството.

2. Можеби животот нема да ти го даде тоа што го посакуваш, но ќе ти го даде тоа што ти треба.


Аврелиј ги прифатил предизвиците и несреќите како неизбежен дел од животот, но неговото длабоко уверување дека космосот е фундаментално добар му помогнало да ги прифати тешкотиите.   

Аргументот му бил следниов: заради тоа што животот во целина е добар онолку колку што може да биде и сите негови составни делови се добри колку што можат да бидат, ние мораме да го сакаме или барем да го прифатиме секој негов дел.

Отишол и чекор подалеку тврдејќи дека токму пречките се најголемата прилика за раст и напредок. Нè тераат да се преиспитаме, да пронајдеме нов пат и да се зацврстиме практикувајќи доблести како што се трпението, благородноста и храброста.

Пречката на патот на акцијата ја зајакнува акцијата. Тоа што се испречува на патот станува пат.

3. Во секого постои нешто добро.

Аврелиј не изразува слеп оптимизам кога ги советува читателите да пронајдат заеднички допирни точки со другите или да бараат добрина во секој што ќе го сретнат.

И во политиката и во животот, Аврелиј гледал дека луѓето знаат да бидат себични и агресивни – и самиот живеел среде војни и востанија, па сепак, избрал да не допушти однесувањето на другите да влијае врз него. Наместо тоа, постојано се потсетувал  дека постои нешто божествено во секој од нас.

Кога ќе се разбудиш наутро, речи си сам себеси: Луѓето со кои денес ќе се соочам ќе бидат неблагодарни, арогантни, нечесни, љубоморни и груби. Вакви се зашто не се во состојба да разликуваат добро од лошо.

Но јас веќе се запознав со убавината на доброто и со грдотијата на злото, препознав дека и најлошите меѓу нив имаат природа слична на мојата – можеби не иста крв, но ист ум – според тоа што во себе носат дел божественост. Според тоа, никој од нив не може да ме повреди.

Аврелиј верувал дека луѓето се предодредени за заедништво и соработка, токму како „забите на горната и долната вилица“. 

4. Вистинскиот мир доаѓа однатре.

Многу од нас живеат френетичен, високо-октански живот, постојано фантазирајќи дека еден ден ќе побегнат од сè преку медитација или ќе земат слободен ден и ќе отпатуваат.

Но, Аврелиј силно верувал дека не треба да се бега од своето опкружување за да се пронајде мир. Може да му се пријде кога било преку сопствениот ум. Луѓето си бараат одмор, во природа, покрај море или на планина.

Нема ниедно место каде што човек може да пронајде повеќе мир и безгрижност од тие внатре во сопствениот ум. Според тоа, секогаш дозволувај си го овој одмор и преку него подновувај се.

Овозможувајќи си „ментален одмор“ низ медитација или едноставно преку практикување сосредоточеност во текот на денот, докажано има бројни благодети за менталното здравје.

Медитацијата ги подобрува помнењето и концентрацијата, го намалува стресот, ја унапредува емоционалната благосостојба и квалитетот на сонот, и исто така ги зацврстува креативноста и продуктивноста. 

5. На животот гледај како на „стар, верен пријател“.

Највпечатливиот цитат од Медитациите нè охрабрува да гледаме на животот како да е „создаден во наша корист“, според зборовите на поетот Руми.

Таквото поимање е моќен начин за трансформирање на какви било препреки на кои ќе наидеме.

Аврелиј пишува: „Вистинско разбирање е животните несреќи да ги гледаме на следниов начин: ʼТука се за моја благосостојба, иако за мене се зборува поинаку.ʻ Сè се свртува во сопствена корист кога ситуацијата ја поздравуваш на следниов начин: ʼТи си токму тоа што го барав!ʻ Навистина, што и да се случи во животот претставува идеален материјал за наш личен напредок и за напредок на другите околу нас. Со еден збор, ова е уметност – а таа уметност е наречена живот, соодветна и за луѓето и за боговите.“

Сè во себе носи смисла и скриен благослов; тогаш, што би требало да биде чудно или напорно во животот, кога целиот живот е тука само за да те поздрави како стар и верен пријател?! 
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура