X
 25.04.2018 Технологија

Шест нешта поради кои може да ви го избришат фејсбук-профилот

Иако „Фејсбук“ веќе подолго го санкционира непосакуваното однесување на социјалната мрежа, досега не беше јасно што точно е забрането и компанијата често беше критикувана поради тоа.

Компанијата одлучи да ја исправи таа грешка и првпат да ги објави стандардите според кои одлучува која содржина е забранета и откри какви објави може да доведат до блокирање на вашиот профил. Во објавата на блогот, од „Фејсбук“ напоменуваат дека последиците од прекршувањето на овие правила можат да бидат различни, зависно од сериозноста на прекршокот и на вашите досегашни објави.

- На пример, за првиот прекршок можете да добиете само опомена, но ако продолжите со слични објави, можеме да ви ја ограничиме можноста за објавување или дури и да ви го деактивираме профилот. Исто така, можеме да ја известиме полицијата ако сметаме дека има ризик за насилство или загрозување на јавната безбедност - стои во објавата.

1. Насилство и криминал

Забрането е објавување на содржина која прикажува насилство и закани за насилство. Исто така, забранета е продажба на наркотици и оружје, како и промовирање насилни злосторства, кражба и измами. Поради таквите објави, освен забрана за пристап до „Фејсбук“, ќе добиете и полициска пријава.

2. Безбедност

Забрането е злоупотребување на нечии фотографии. Исто така, забранети се објави кои вклучуваат сексуална експлоатација на деца и возрасни.

3. Навредлива содржина

Се казнуваат и говорот на омраза, графичкото насилство, голотијата или сурови и бесчувствителни објави. Сурова и бесчувствителна содржина, според „Фејсбук“, е онаа што е насочена против жртвите кои претрпеле физички или психички тешкотии.

4. Интегритет и автентичност

Забрането е спамање, преправање дека сте некој друг и објавување во негово име, односно ширење лажни вести.

fb
Фото: Freepik

5. Почитување на интелектуалниот имот

Од „Фејсбук“ нагласуваат дека треба да се почитува туѓиот интелектуален имот, односно да не се објавува туѓа заштитена содржина.

6. Барања поврзани со содржина

Оваа дефиниција е малку нејасна, но тоа во принцип значи дека ќе бидете избришани ако властите бараат бришење на вашата содржина или ако тоа го побараат родителите на ненамерно славните малолетници, односно на деца што се прославиле откако се проширило нешто што објавиле.


Фото: Buka

Поголемиот дел од овие нешта се веќе забранети на „Фејсбук“, но се прилично широко дефинирани. Новите упатства ќе одат во детали. Измените и дополнувањата на стандардите ќе следат правила до кои се придржуваат 7.600 модератори при прегледувањето на сомнителните постови и при одлучувањето дали тие да бидат отстранети од социјалната мрежа. Стандардите нема многу да се променат, но ќе бидат разработени. Така, фотографиите со голи гради во некои случаи ќе бидат прифатливи, како кога се прикажува доење, но во други ситуации тоа не е прифатливо. Во документот детално се објаснува што се смета за сексуално искористување на возрасни и деца, но се остава простор за понатамошно заострување на критериумите, ако за тоа има потреба.

Со оглед на тоа дека „Фејсбук“ не дозволува сериски убиства, новите стандарди го дефинираат тој термин. Со него се дефинира секој што извршил две или повеќе убиства во поголем број случаи или на повеќе места. Едно убиство не е повод за бришење на нечиј профил?! Изгледа дека е така...

Само читањето на упатствата покажува колку всушност е тешка работата на модераторите. Тие мораат да читаат и да гледаат сомнителен материјал од секаков вид и потоа да донесат и некои тешки одлуки.

„Фејсбук“ има направено некои јасни грешки. На пример, групите за човекови права тврдат дека компанијата не реагирала соодветно на говорот на омраза и на поттикнувањето насилство кон муслиманите во Мјанмар. Исто така, се поставува и прашањето што точно се смета за политички протест? Како се знае дали лицето на некоја фотографија се согласило фотографијата да биде објавена на „Фејсбук“? Моника Бикерт од „Фејсбук“ тврди дека тоа прашање е главната причина за забраната за прикажување голотија, бидејќи е тешко да се одредат согласноста и староста. Дури и ако лицето се согласило да биде снимено или фотографирано, не значи дека се согласило и на тоа фотографиите да се најдат на социјалните мрежи.

За отстранување на содржината која не е според прописите, „Фејсбук“ користи комбинација од модератори и вештачка интелигенција. Но, алатките на вештачката интелигенција не се доволно развиени за да можат да ги уочат некои работи, како хумор и сатира. Од друга страна, пак, и луѓето грешат.

Насловна фотографија: Freepik
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија