X
 25.05.2018 Култура

Почнува примената на ГДПР: еве што ќе се смени кај социјалните мрежи



ГДПР – Општата уредба за заштита на приватноста, конечно ги поттикна големите интернетски компании и социјални мрежи да се посветат на заштитата на приватноста и безбедноста на личните податоци на своите корисници.

Иако за ГДПР се пишува подолго време, се чини дека сè уште голем број помали компании не се подготвени за примена на оваа уредба. Дополнително, мнозинството „обични“ корисници воопшто не се свесни за постоењето и принципите на уредбата, како ни за работите и новостите што се предвидуваат со неа.

Општата уредба за заштита на приватноста на податоците во прв план ги става корисниците со чии лични податоци големите компании сега ќе мораат многу повнимателно да постапуваат, затоа што во спротивниот случај ќе се соочат со исклучително високи казни. Сепак, некои од најголемите компании како „Фејсбук“, „Инстаграм“, „Ватсап“, „Гугл“ и други, веќе направија промени во насока на обезбедување услови за примена на уредбата.


Илустрација: Иконите на социјалните мрежи и голем катанец во средината
(Фото: Pixabay)


Промени на „Фејсбук“

За да го усогласат работењето со одредбите предвидени во уредбата, компанијата на Закерберг најави дека на корисниците од Европската Унија ќе им понуди избор дали ќе сакаат нивните податоци да се сподлуваат до огласувачите или не, и дали ќе сакаат да ги споделуваат податоците околу личните политички и религиозни ставови, како и статусот за личните врски.

На оние што нема да сакаат огласувачите да имаат пристап до нивните податоци, огласите и натаму ќе им се појавуват, но нема да бидат насочувани, односно базирани врз нивните интереси. Сепак, голем број луѓе сметаат дека ако веќе мораат да гледаат огласи, поинтересно им е да им се прикажуваат огласи кои се поврзани со нивните интереси.

Исто така, заради уредбата „Фејсбук“ конечно воведе ред околу опциите поврзани со приватноста и безбедноста, кои моментално на мобилните уреди се наоѓаат на едно место, попрегледни се и поедноставни за манипулирање.

Корисниците сега имаат поголема контрола над личните информации, но и над содржините што ги објавуваат и нивната видливост. Сега постојат и поставки за управување со препознавање на лица, дневник на активности, можност за пристап до сите информации што се поврзани со корисниците, историјат на прегледи, историјат на локации и многу други работи што ги „собирале“ со години на својот профил. На истото место, корисниците ќе можат и да го избришат својот кориснички профил.

Промени на „Инстаграм“, „Ватсап“, „Твитер“ и „Гугл“


Новитети заради влегувањето во сила на уредбата воведе и „Инстаграм“ – корисниците сега ќе можат да ги преземат речиси сите податоци кои кога било ги објавиле на оваа мрежа, од фотографии и видеозаписи, до приказни, поставки, информации за профилот, коментари, пораки, лајкови и сите останати активности од оваа мрежа.

За да го прилагодат своето работење согласно одредбите на уредбата, од „Ватсап“ најавија дека овој сервис за комуникација нема да можат да го користат лица под 16 години – претходно возрасната граница беше помала и изнесуваше 13 години, но ова се однесува само на подрачјето на ЕУ. Имено, уредбата носи и построги правила за заштита на приватноста на лица под 16 години, па затоа компанијата се одлучи да ја подигне горната граница за три години.

Што се однесува до „Твитер“, оваа компанија најави промени во правилата за приватност со кои ќе се овозможи поедноставно управување со личните информации, поедноставен преглед на истите, како и можност самите да одлучат дали сакаат или не да ги споделуваат податоците со „Твитер“.

„Гугл“ не мораше да воведува големи промени како „Фејсбук“ , но изјавија дека ги ажурирале Правилата за приватност со кои на корисниците им го олесниле разбирањето за информациите што ги собираат  за нив и со која цел го прават тоа. Тие напоменуваат и дека поставките и начинот на обработка на податоците нема да се промени по 25 мај, туку го подобриле начинот на опишување на постапките и опциите за ажурирање, бришење на податоци и нивно управување.

Во согласност со уредбата која од компаниите побара поедноставување на правилата за користење и приватност, „Гугл“ попрецизно ја објасни практиката на дејствување и додаде кратки видеозаписи кои уште подобро ги објаснуваат правилата.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура