X
 25.06.2019 Економија

Кои републики од Југославија биле најзадолжени?

Април 1985: Во последните две години постојано се повторува фразата дека конечно е „отстранет велот на тајноста од нашите долгови“. Меѓутоа, денес не се знае колку точно е должна Југославија бидејќи кој како стигнал, така се задолжувал.

Во време кога децата дома си играат на компјутери, Народната банка на Југославија нема точни податоци за тоа колку сме должни. И поради тоа што нема целосни официјални податоци или тие што се соопштени откриваат многу малку, одредени весници ја преземаат улогата на детективи, спроведуваат анкети или истражуваат по својата документација за да откријат кој колку должи.

Така, дознаваме дека:

-долгот на Црна Гора изнесува 850 милиони долари;

-долгот на Македонија е околу една милијарда и 530 милиони;

-долгот на Војводина е една милијарда и 480 милиони;

-Србија без покраините е должна 3 милијарди и 710 милиони;

-Косово - 866 милиони;

-Босна и Херцеговина - една милијарда и 860 милиони;

-Словенија околу една милијарда и 480 милиони (Народната банка на Словенија ги означува како доверливи);

-Хрватска должи нешто повеќе од 3 милијарди долари (овој износ не е официјално потврден).

На оваа сума од околу 14 милијарди и 740 милиони долари треба да се додаде и долгот на Федерацијата од околу 4 до 5 милијарди долари. Така, излегува дека сме должни нешто повеќе од 19 милијарди долари. Што ни кажуваат овие податоци?

Сумата од околу 19 милијарди долари, нормално, се однесува само на главнината. Со каматите таа опасно се зголемува, речиси и се дуплира. А сето тоа е долг и сето тоа треба да се врати. А долгот не е чад за да излезе низ оџакот. Па и тогаш ќе се гледа.

Сите републики и покраини применуваат различни критериуми. Меѓутоа, кога сите податоци за долговите во странство би ги давал еден центар, според единствена методологија, би било возможно и пореално подредување. Но, веќе никој не сака да го прифати тој „унитаризам“ во смисла: господа, сите паричници на една маса!

Затоа, не се знае точно колку долгови ѝ се репрограмирани на секоја република или покраина. Тоа сѐ уште се доверливи податоци за нас во Југославија. За банкарскиот свет на кој сме му должни - не!

Долгот на Федерацијата, кој, поединечно, е најголем, всушност е долг на републиките и покраините - оној дел од репрограмираниот долг кој тие не можеле да го вратат во рокот.

Се знае и дека многу враќаат девизи што не ги употребиле, туку ги продале на девизниот пазар, така што должниците не се задолжително и корисници на девизи.

Кога нештата се така поставени, како би можеле да се знаат вистинските поединечни долгови? Посебно прашање е што ни кажува самата сума на нечиј долг ако не ја знаеме висината на достасаните отплати во однос на девизниот прилив или висината на девизниот прилив во однос на обемот и структурата на произведената стока.

Како се добиени од странство трошените пари?

Така, има многу непознати. Но, сепак, се знае нешто.

Најниска стапка на задолженост има Словенија.

Србија, според степенот на задолженост, е под југословенскиот просек, но според краткорочните кредити е најзадолжена во Југославија.

Долгот на Црна Гора е 2,7 пати поголем од просекот на земјата. Уделот на отплатата во однос на девизниот прилив, од јануари до ноември минатата година изнесувал повеќе од 71 отсто, а според конвертибилното подрачје, дури и 20 отсто повеќе. Само за курсната разлика Црна Гора треба да оддели една четвртина од планираниот општествен производ.

Со големи должнички обврски е оптоварена и економијата на Македонија. Од планираниот девизен доход за оваа година, 86 отсто веднаш одат на враќање на долгот.

Останатите се тука некаде. Многу почувствително прашање од висината на нашиот вкупен долг е како се трошени парите добиени од странство. На пример, се знае дека многу заеми се прелеани во потрошувачката. Наместо на инвестиции, тие отишле на стандард. Само да ни биде убаво. Или се вложени во промашени инвестиции. Наместо добиените пари да се репродуцираат, тие едноставно се закопани. Ги знаеме тие имиња: Фени, Обровац, Дина и многу други што официјално ја добија етикетата „инвестициски промашувања“.

А колку реални промашувања се направени, сѐ уште не се знае сигурно. Во процените се вмешани политички причини наместо научни анализи.

Според една процена, вкупните промашувања во земјата изнесуваат помеѓу 6 и 7 милијарди долари. Тие промашувања секако ќе мора некој друг да ги исплати, не оној што се задолжил бидејќи нема толкаво наследство за да го продаде.

Сите тие „фабрики од соништата“ ќе мора да ги отплаќаат цели генерации од својот доход, на сметка на својот стандард.

Знаеме, има пропаднати проекти во сите економии во светот. Но, како што рече еден наш познат економист - нашиот проблем не е во лошите фабрики, туку во лошите концепции, незнаењето, нестручноста и заблудите. А, пред сѐ, во политичките, а не во финансиските концепции.

Огромната задолженост на Југославија, која ќе биде грижа и за децата на нашите деца, очигледно предизвикува криза во земјата. Иако таа секако не е последица на долговите во странство, основното прашање што секој го поставува е зошто долгот во странство се зголемил за 13,5 милијарди долари за само 6 години (од 1975 до 1981 година).

Каде отидоа тие пари толку брзо? Што се случуваше во домашната економија од 1976 година кога сѐ тргна наопаку бидејќи таа година инфлацијата беше само 9 отсто, имавме суфицит во тековниот платежен биланс, девизните резерви преминуваа 4 милијарди долари, па и динарот тогаш можеше да стане девиза?

Со оглед на тоа дека никој јавно не ги дал вистинските одговори на ова и на многу други прашања - за поединечната одговорност или за одговорноста на постојниот економски систем, особено девизниот - тоа го слушаме во многубројните стручни и во други мислења. Од лаички, дека сме живееле над нашите можности, дека потрошувачката била преголема - како проблемот да е во преголемата потрошувачка, а не во премалото производство; до посериозни анализи кои зборуваат за потребата од големи промени во економскиот и политичкиот систем.

Има економисти што сметаат дека нашата криза воопшто не е економска криза и дека, според економистите, би била доволна една година ситуацијата да се нормализира и да се вратиме на високите стапки на раст и покрај сите задолжувања.

Инаку, многумина аналитичари посочуваат дека за неповолниот тек на настаните во клучниот период од 1976 до 1980 година се „виновни“ системските закони - политичкото одлучување во економијата на земјата, силното економско затворање во републичките и покраинските граници за да може што побрзо да се развие сопствената средина, без оглед на цената.

А таа цена сите ние денес треба солидарно да ја платиме.


Фото: Yugopapir

Две илјади долари по жител

Во Југославија во последно време најмногу се зборува и се молчи за долговите. Тоа не е веќе само тема на оние чија „работа“ е да се занимаваат со економските и политичките проблеми на земјата, туку е секојдневна грижа на секоја наша фамилија бидејќи, ако ја земеме само главнината на долгот, која, според некои податоци, изнесува 21 милијарда долари, тогаш секој наш граѓанин и секое дете што утре ќе се роди се задолжени со 1.000 долари, што е речиси годишен личен доход на еден неквалификуван работник.

Лесно е да се собере колку изнесува тоа за едно четиричлено семејство, ако во него печали само еден. А на сето тоа треба да се додаде и задолжувањето по огромните камати и излегува речиси две илјади долари по жител.

Поради исплатата на долговите, животниот стандард е вратен на времето од пред две децении. Податоците велат: повеќе од 60 отсто од вработените живеат со минимален личен доход. Од 1979 година реалните расходи во работничките фамилии со еден вработен член и поголем број деца се драстично намалени: за исхрана 34,4 отсто, облека и обувки 39,4 отсто, стан 20,1 отсто, покуќнина 76,1 отсто, хигиена 32 отсто, образование 21,3 отсто и за сообраќај 52,3 отсто.

Кои се најголемите должници?


Најголем дел од словенечкиот долг отпаѓа на енергетиката.

Прва на списокот со должници е нуклеарната електрана „Кршко“.

Само фабриката за преработка на алуминиумска руда во Обровац ќе ја чини Хрватска 30 милијарди динари.

Речиси половина од долгот на БиХ се однесува на развојот на енергетиката, рудниците за јаглен и железо, изградбата на сообраќајниците и железничките пруги.

Најголем должник од Војводина е ХИП „Панчево“ - 126 милиони долари и нешто повеќе. Потоа СОУР „Нафтагас“ - 110 милиони долари. Следуваат „Зорка“ во Суботица, „Матроз“ во Сремска Митровица и уште некои други.

Косовското електростопанство ќе мора оваа година да исплати 77 милиони долари, „Трепча“ 33 милиони, а „Фероникл“, кој стартуваше неодамна, 21 милион долари.

Половина од долговите на Србија се припишуваат на 8 најголеми должници. Меѓу нив водечко место има Металуршкиот комбинат Смедерево, РТБ Бор, потоа енергетиката со здруженото електростопанство на Србија. Тука е и сообраќајот со целото патно стопанство. Во ова друштво влегуваат и Заводи црвена застава од Крагуевац и „Зорка“ од Шабац.

Рекордери во задолженост во Црна Гора се: Комбинатот за алуминиум, кој во вкупниот долг на републиката учествува со 17,5 отсто, железарницата „Борис Кидрич“ со 14,5 отсто, помалку должи ЖТО Титоград, Агрокомбинатот „13 Јули“ и други.

Во Македонија најголем должник е Комбинатот за производство на фероникел „Фени“, за кој вкупно посмртно треба да се исплатат 350 милиони долари. Меѓу големите должници е и Стопанска банка, која должи 311 милиони долари, потоа Железничко-транспортната организација со вкупен долг од 64 милиони, електростопанството со долг од 49 милиони долари и рудникот „Бучим“ во Радовиш со долг од 40 милиони долари.

„Динар“, 1985 година
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија