X
 25.07.2018 Живот

Се гради чудо од град – отпорен на природни катастрофи

На Филипините се гради зелен, неуништлив град кој би требало да биде готов за три децении. Новиот град, Њу Кларк Сити, би требало да ги издржи сите природни катастрофи - поплави, земјотреси, суши...

Многумина веруваат дека Манила кога-тогаш ќе настрада од разорен земјотрес, па идејата за нов град се јавила како потреба за „резервна“ метропола. Њу Кларк Сити ќе биде поголем од Менхетн, со 1,2 милион жители.


Макета на чудото од град во Филипини
(Фото: Screenshot)


Како што пишува Си-ен-ен, освен што ќе може да ги поднесе тајфуните, поплавите и земјотресите, идејата е градот да биде и со минимално загадување.

„Ова е град што го градиме за луѓето, а не за автомобилите. Постои голема разлика“, вели шефот на проектот, Вивенсио Дизон, кој објаснува дека поголемиот дел од градот ќе биде приспособен на пешаците, кои ќе можат да се движат и преку реката. Се планира и најефикасен јавен превоз за да се редуцира потребата од автомобили.

Зелените извори на енергија, како соларната енергија и природниот гас, максимално ќе се користат, а исто така и отпадот ќе се претвора во енергија. Зградите ќе бидат осмислени така што максимално ќе штедат енергија. Се планира и да се задржи што е можно повеќе од постојното зеленило и коритата на реките.

Ќе се користи и еден релативно егзотичен материјал, како што најавува Дизон, а станува збор за лахарот, поточно материјал составен од пирокластични материјали, карпи и вода, кој има цврстина и густина како бетонот.

Лахарот настанува како нуспроизвод од вулканските активности, а истекува од кратерите и се таложи во долините. На помалку од 40 километри растојание од Њу Кларк Сити се наоѓа вулканот Пинатубо.

Лахарот ќе се меша со бетон во текот на целата изградба, иако холандскиот архитект Матијс Бау вели дека тоа нема многу да ѝ помогне на екологијата, а ни загадувањето нема да биде пониско во споредба со бетонот, за чие производство се потребни големи количини вода и се ослободуваат загадувачи во атмосферата.

Но и Бау се согласува дека сосема е сигурно дека Њу Кларк Сити, благодарение на деталното планирање, ќе биде „позелен“ и помалку загаден град во споредба со повеќето азиски градови.

Новиот град ќе има многу подобра локација во споредба со Манила – ќе биде на повисока надморска висина, што го прави поотпорен на поплави, а се планира да се вгради и „систем за одвод“ каде што ќе биде забрането какво било градење.

Блиските планини ќе го штитат градот од силните ветрови и тајфуни. Манила е изграден точно на раседот од Западната Долина, а сеизмолозите утврдиле дека новиот град е далеку од такви раседи, пишува Си-ен-ен.

„Многу е глупаво да верувате дека мора да седите на расед за да имате реална опасност од земјотрес, такви бајки не би требало да се кажуваат“, вели Келвин Родолфо, професор на Универзитетот „Илиноис“ од Чикаго. Тој смета дека близината на Пинатубо би можела да биде проблем. Последната, катастрофална ерупција на овој вулкан се случила во 1991 година, но експертите истакнуваат дека нова ерупција не би можела да се случи барем во наредните стотици години.

Првата од петте фази на изградба ќе ја чини државата барем две милијарди долари. Работите веќе се почнати, се градат спортски комплекс, управни згради и првите станбени згради што би требало да бидат пуштени во употреба пред почетокот на Азиските игри, кои ќе се одржат на Филипините во 2019 година.

Првата фаза треба да биде готова до 2020 година, но целата изградба, според Дизон, би траела барем три десетлетија.


Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот